4 мај 2018 година, Охрид – Crowdfunding е една од новите алатки за финансирање. Треба да се развива оваа можност која зема замав во светот и во Европа. Ние сме подготвени да создаваме регулатива по примерот на Хрватска и Словенија, најави министерот за финансии, Драган Тевдовски. Тој имаше интервју во рамки на  годишната конференција на Македонска Берза. 

Министерот во своето излагање ги посочи и новите закони за пазарот на капитал. Целта на законите е нивно усогласување со ЕУ регулативите. Новите закони се разгледувани и од страна на Советот за развој на капитал.

–  Подготвуваме нова регулатива за пазарот на капитал. Постојниот Закон за хартии од вредност ќе биде заменет со два нови закони: Закон за пазарот на хартии од вредност и Закон за понуда и издавање на хартии од вредност. Ќе се овозможи воспоставување на нови пазарни сегменти и нови финансиски инструменти. Брокерските куќи ќе имаат можност да организираат сопствени пазарни сегменти, односно платформи за тргување со хартии од вредност под правила донесени од самите брокерски куќи. На пазарот ќе може да се тргува и со стокови деривативни инструменти и други структурни финансиски инструменти. Со тоа ќе се влијае на зголемена конкуренција помеѓу учесниците на пазарот, намалување на трошоците за тргување и поголема ликвидност на пазарот на капитал, најави министерот Тевдовски.

На прашањето дали се очекува сериозен позитивен пресврт во делот на придвижување на економијата во нагорна линија МФ Тевдовски вели дека бројките покажуваат дека е така. Македонската економија оди во позитивна насока. Индустриското производство во првите три месеци од 2018 година забележа раст од 5,2%,  бројот на работници во индустријата во првите два месеца порасна за 6,1%, извозот на стоки во првите два месеца забележа висок раст од 24%. 

“Очекуваме проекцијата од 3,2% раст на БДП годинава да се реализира. Системските политики се насочени кон отворање на нови и подобро платени работни места, поттикнување на инвестициите како домашни, така и странски, поттикнување на соработка помеѓу домашните и странските компании и прогрес во евроатланските интеграции. “, вели тој. 

Тевдовски во интервјуто говореше и за растот на платите. Во првите два месеци од 2018 година, во споредба со истиот период во 2018, има раст на просечната плата од 4.6%.

Најважен сигнал за економијата е довербата на странските и домашните инвеститори. Таа јасно се гледа во најниската каматна стапка на еврообврзницата досега. Довербата беше очигледна и кај огромната побарувачка за првата 30 годишна државна обврзница издадена од Р. Македонија.

Настанот го отвори директорот на Македонска Берза, Иван Штериев. Тој истакна дека 2017 година била добра за македонската берза.

Според него Македонската Берза во првото тримесечје од 2018 бележи најголем раст во последните 10 години.

Comments are closed.