3 јули 2018, Прилеп – Инвестиции во вредност од 120 милиони евра во капитални проекти од областа на животната средина, поддржани со грантови од Европската унија, најави министерот за финансии Драган Тевдовски на пуштањето во употреба на Пречистителната станица во Прилеп. На настанот присуствуваа и премиерот Заев, евроамбасадорот Жбогар, министерот за животна средина Дураку и градоначалникот на Прилеп Јовановски.

Пречистителната станица е проект финасиран преку Инструментот за претпристапна помош на Европската унија и ќе опслужува 95.000 граѓани на Прилеп.

Министерот за финансии Тевдовски истакна дека покрај оваа, за период од четири месеци се завршени уште три пречистителни станици во Струмица, Радовиш и Кичево, кои опслужуваат дополнителни 126.000 граѓани.

-До крајот на годината Министерството за финансии треба да отвори тендерски постапки за изградба на пречистителни станици во Битола и Тетово. Ова се крупни проекти, чија вкупна вредност изнесува дури 58 милиони евра и ќе опслужуваат околу 207.000 жители. Заедно со пречистителните кои се веќе изградени, овие проекти ќе обезбедат подобри општински услуги и почиста животна средина за 20 отсто од населението во државава. Преку ИПА средствата планирано е да се реализираат и проектите за изградба на регионални депонии во источниот и северно-источниот регион со вкупна вредност од околу 14,7 милиони евра. Во наредниот период планирано е да се спроведат проекти од областа на животната средина со вкупна вредност од околу 120 милиони евра, од кои најголем дел или околу 85% се грант средства од Европската унија преку ИПА- рече Тевдовски.

Како што истакна министерот за финансии ваквите проекти се значчајни од две причини. Прво бидејќи придонесуваат за почиста животна средина и шподобри услови за живот на граѓаните и второ бидејќи учетвуваат во економскиот раст.    

Comments are closed.