13 декември 2018 година, Скопје – Новиот Закон за јавни набавки и заложбата на Владата за поголема транспарентност, како и активноста на граѓанскиот сектор се механизми кои ќе помогнат во борбата против корупцијата. Со системски решенија и транспарентно работење ќе добиеме квалитетен систем и ќе излеземе на прав пат. Ова го истакна министерот за финансии на регионалната конференција за состојбите во јавните набавки на тема „Антикорупциски механизми и улогата на засегнатите страни“, во организација на „Балкан тендер воч“.
– Ја подобруваме и транспарентноста – институциите законски се задолжени да објавуваат многу повеќе податоци, како план за јавни набавки, склучени договори и мали набавки. Се воведуваат и низа антикорупциски правила и правила со кои ќе се спречи судирот на интереси при вршење на јавните набавки. Истовремено, станува збор за фер закон, кој овозможува поголема вклученост на малите и средни претпријатија во набавките, ги штити подизведувачите, како и вработените кои учествуваат во спроведување на договорот. Накусо, станува збор за европски закон, согласно ЕУ директивите и стандардите, кој предвидува суштинско подобрување во системот за јавни набавки, потенцира тој.
Амбасадорот Самуел Жбогар рече дека јавните набавки се едно од првите поглавја во преговорите за членство со ЕУ и кога станува збор за набавките, инвестирањето во јавни проекти е од клучно значење за економскиот и социјалниот развој на секое општество, под услов парите на граѓаните да се вложуваат во инфраструктурни проекти што ним ќе им служат.