26 април 2018, Софија – Министерот за финансии Драган Тевдовски ја сподели визијата за интегриран пазар на капитал во регионот, во своето обраќање како панелист на EuroFi 2018. На конференцијата, министерот беше дел од панел-дискусијата „Развивање регионален финансиски пазар за Југоисточна Европа“.

Во насока на реализирање на визијата за интегриран пазар на капитал е и создавањето на платформата за тргување SEE Link, односно регионалната берза, каде што се очекува вклучување на уште две земји од регионот.

Што се однесува до Македонија, министерот за финансии Тевдовски истакна дека издавањето нови инструменти, како што е 30-годишната обврзница, придонесуваат за раздвижување на пазарот на капитал.

Тевдовски спомна и дека во Министерството за финансии се подготвуваат нови закони за хартии од вредност, со кои целосно се усогласуваме со законодавството на Европската унија.

Важен чекор за развој на пазарот на капитал е и формирањето на Советот за развој на пазарот на капитал. Министерот Тевдовски претседава со овој Совет, во кој членуваат претставници на финансиските институции во земјата.

Македонија првпат учествува на оваа конференција, организирана во рамки на претседавањето на Бугарија со Советот на Европа. На конференцијата учествуваа и министри за финансии на земјите од ЕУ, членови на Европската Комисија, гувернери на централни банки, претставници на меѓународни финансиски организации и претставници од финансискиот сектор.

Покрај Тевдовски, панелисти на конференцијата беа и министрите за финансии на Бугарија, Луксембург, Италија, Литванија, Грција и Белгија.

Comments are closed.