8 март 2019, Скопје – Економијата забележува раст согласно проекциите на Министерството за финансии, а невработеноста за првпат од независноста е под 20%. Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на прес-конференцијата во Владата одржана по повод објавените податоци за растот на БДП.
Невработеноста се намали на најниски 19,4% во четвртиот квартал лани, рече Тевдовски.
– Во истиот период бројот на вработени е зголемен за 3,6% на годишна основа што е највисок годишен раст на вработените во кој било квартал во претходните 5 години. Растот на вработеноста во 2018 година во просек е 2,5%, што значи дека бројот на вработени е зголемен за околу 20.000 лица во однос на просекот за 2017 година – вели министерот за финансии.
Тевдовски оцени дека кредибилноста на економските проекции е клучна за кредибилно дизајнирање на Буџетот, а со тоа и кредибилно водење на фискалната политика. Проекцијата на Министерството за финансии за растот на БДП, посочи тој, е најблиску до оствареното.
– Министерството за финансии се докажа како кредибилна институција, растот на БДП од 2,7% е најблизок до есенската проекција на МФ за раст од 2,8%. За споредба, есенските проекции на другите релевантни институции се движеа меѓу 1,6% и 2,5%. Ова е јасна потврда за зајакнатиот капацитет и посветеност на Министерството за финансии – рече Тевдовски.
Тој нагласи дека позитивните постигнувања се несомнено резултат и на фискалната политика како клучна економска алатка на Владата.
– Нашата фискална политика овозможи поддршка за повисоки плати, за повеќе вработувања и за зголемени инвестиции. Притоа, ова е постигнато со дисциплинирана фискална политика, низок буџетски дефицит (1,8% од БДП) и стабилизиран јавен долг (48,7% од БДП) – рече Тевдовски.
Тоа придонесе и потрошувачката на домаќинствата да се зголеми за 4,6 отсто во четвртиот квартал, а за цела 2018 година околу 3 отсто. Ваквите движења, посочи Тевдовски, се резултат на повисоката вработеност, како и на континуираниот раст на платите кои во 2018 година имаа највисока стапка на раст од 5,9% во однос на претходните 9 години. Поголемиот број работни места и повисоките плати, значат повеќе пари кај граѓаните и нормално резултираат со повисока потрошувачка на населението, а со тоа и повисок економски раст.
Тевдовски е уверен дека и годинава ќе продолжат позитивните движења во економијата за што потврда се прелиминарните податоци за првите два месеца од 2019 година. Растот на даночните приходи е околу 7%, а на придонесите околу 8%. Притоа, растат приходите кај сите видови даноци – заедно со сите други позитивни движења на почетокот на 2019 година, како јануарскиот раст на индустриското производство од 12%.
– Сите официјални податоци (ДЗС, НБРСМ, МФ) покажуваат дека нема еден сектор кој го влече растот, туку кај сите сектори и дејности има позитивни движења. Ова е потврда на нашата политика растот да се темели на остварувањата кај приватниот сектор, а не на државна интервенција како во минатото – вели министерот за финансии Тевдовски.