21 декември 2017, Скопје – Министерот за финансии Драган Тевдовски најави нова законска регулатива идната година за пазарот на хартии од вредност, која ќе создаде услови за развој на нови производи и услуги на финансискиот пазар во Република Македонија, ќе се обезбеди повисоко ниво на стабилност на пазарот, ќе се зајакнат овластувањата на надзорните органи и ќе се подобри заштитата на инвеститорите и на сите учесници на пазарот.
-Во агендата на Министерството за финансии за идната година е една од најголемите реформи во областа на пазарот на капитал. Постојниот Закон за хартии од вредност ќе биде заменет со два нови закони – Закон за финансиски инструменти и Закон за проспекти за хартии од вредност и обврски на издавачите за транспарентност. Со новите закони ќе се воспостави јасна и сеопфатна рамка на македонскиот пазар на капитал, што пак ќе придонесе за неговиот развој и усогласеност со законодавството на ЕУ во оваа област. Со донесувањето на новата законска регулатива ќе се создадат услови за развој на нови производи и услуги на финансискиот пазар во Република Македонија, ќе се обезбеди повисоко ниво на стабилност на пазарот, ќе се зајакнат овластувањата на надзорните органи, и ќе се подобри заштитата на инвеститорите и на сите учесници на пазарот. На тој начин ќе се обезбеди една модерна и софистицирана законска регулатива, која во целост ќе биде усогласена со европската регулатива, а во исто време ќе го има во предвид и сегашното ниво на развиеност на домашниот пазар, не предизвикувајќи на тој начин дополнителни дисторзии на пазарот и следејќи ги во целост неговите специфики – истакна министерот за финансии Тевдовски.
Денеска за првпат се одржа седница на Советот за развој на македонскиот пазар на капитал кој е формиран за системско решавање на предизвиците и креирање на една сеопфатна стратегија за идно позиционирање и развој на македонскиот пазар на капитал.
-Ако пазарот на капитал е добро организиран, тоа позитивно ќе влијае на одлуките на потенцијалните домашни и странски инвеститори да вложуваат во домашната економија, а добро организиран пазар е добро регулиран пазар- вели Тевдовски.
Советот за развој на пазарот на капитал, со која претседаваше министерот за финансии Драган Тевдовски, а чии членови се и гуверенерот на Народната банка на РМ Димитар Богов, министерката труд и социјална политика Мила Царовска, министерот за економија Крешник Бектеши, директорите на Македонска берза, Комисија за хартии од вредност, Централен депозитар и Агенцијата за супервизија на осигурувањe (АСО), претседателот на Советот на експерти на АСО, претседателите на групациите за банкарство и хартии од вредност при СКМ и директорите на приватните пензиски фондови. Советот за пазар за капитал ќе се состанува најмалку еднаш во три месеци, по потреба и почесто, а врз основа на заклучоците ќе се подготвуваат инрформации и предлог измени на закони кои ќе се доставуваат до Економско социјалниот совет и Владата на РМ.