19 февруари 2018, Скопје – Нов ревидиран Закон за буџети до крајот на годинава, со кој буџетите ќе се планираат во среднорочна рамка и ќе се создадат услови за воведување фискален совет, најави министерот за финансии Драган Тевдовски на првиот состанок на Советот за управување со јавните финансии, координативно тело кое е задолжено за следење на реформите предвидени со Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018 – 2021.
– Законот за буџети ја дава рамката за управување со јавните финансии во земјата. Со него се регулира целокупниот буџетски процес, вклучувајќи ги главните учесници во буџетскиот процес, постапката за подготовка и усвојување на Буџетот, извршувањето на Буџетот и завршната сметка, управувањето со буџетските распределби на средствата и подготовката на Среднорочната фискална стратегија. Со новиот ревидиран Закон за буџети ќе се направат промени во насока на поставување среднорочна рамка во која ќе се планираат годишните буџети – истакна Тевдовски.
Како што посочи министерот за финансии, новиот Закон за буџети ќе постави и услови за формирање фискален совет, кои пак се во насока на водење одржлива фискална политика, зголемена буџетска дисциплина и одговорност, зголемен кредибилитет на макроекономската политика и правична и одржлива распределба на расходите помеѓу сегашните и идните генерации.
Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018-2021 е прва сеопфатна стратегија од областа на управувањето со јавните финансии. Реформите во неа треба да придонесат за постигнување 7 приоритети: подобрување на фискалната рамка преку унапредување на проектирањето, подобрување на наплатата на приходи и истовремено поедноставување и подобрување на услугите на надлежните институции, унапредување на процесот на планирање и буџетирање, подобрување на извршувањето на Буџетот, зголемување на транспарентноста, зголемување на внатрешната контрола во институциите, како и на надворешната контрола и парламентарниот надзор.
На првиот состанок на Советот за управување со јавни финансии беше разгледан годишниот Акционен план, а покрај министерот за финансии присуствуваа и други членови на Советот, меѓу кои и заменикот на претседателот на Владата на РМ за евроинтеграции Бујар Османи, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски како и директорите на Управата за јавни приходи и на Царинската управа, Сања Лукаревска и Ѓоко Танасковски.