6 ноември 2018, Скопје – Од даночната реформа бенефит ќе имаат и граѓаните, а понатаму и стопанството. Како што истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на денешната средба со Стопанската комора на Македонија, најразвиените и просперитетни економии применуваат праведен даночен систем. Ова значи најдоходовните граѓани да вложат сразмерно повеќе пари во подобро здравство, образование и подобри јавни услуги.

– Нашата идеја е слична, да се побара поддршка од Комората за ова. Ако не правиме корективни мерки, децата можеби ќе имаат полоши услови од нивните родители. Со плата како министер не можам да обезбедам моите деца да одат во приватно училиште, а што е со огромниот број луѓе што имаат многу пониска плата од министерската. Тоа значи дека мора да воведеме праведно оданочување со цел идните генерации да имаат повисок животен стандард. Го слушнавме гласот на народот, на бизнисмените, затоа и прагот го зголемивме. Прогресивната стапка е поставена така што ќе опфаќа само еден процент од луѓето со највисок доход – рече Тевдовски.

Министерот Тевдовски истакна дека целта на владината реформа е правично оданочување како чекор напред кон градење поправедно општество, јакнење на јавното образование, јавното здравство, социјалата, обезбедување повисоки плати и зголемување на животниот стандард. Нагласи и дека никој не треба да има дилема околу трошењето на јавните пари, алудирајќи на дополнителните средства што би требало да се соберат од новата владина мерка.

По повод претставување на даночната реформа, Тевдoвски денес имаше средба со Стопанска комора на Македонија.

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.