9 мај 2019, Сараево – Европската банка за обнова и развој ќе влезе во финансирање на изградбата на автопатите Скопје – Блаце и Кичево – Гостивар, поточно првата делница Кичево – Букојчани. Ова го истакна министерот за финaнсии Драган Тевдовски на Годишните средби на Европската банка за обнова и развој, кои се одржуваат во Сараево.
– На Годишните состаноци на ЕБОР имавме прилика да зборуваме за тековната, но и за идната соработка со Банката. Договоривме поддршка за идниот период – изградба на важни патишта во нашата земја. Тоа се автопатите Скопје – Блаце и Кичево – Гостивар, и тоа првата фаза Кичево – Букојчани, како и изградба на електронски патарини долж Коридорот VIII и на патот Миладиновци – Штип – рече Тевдовски.
Тој посочи дека дел се обезбедени но и се бараат дополнителни грант средства за изградба на овие патишта. За Кичево – Букојчани преку Инструментот за Западен Балкан обезбедени се 20 милиони евра, додека за Скопје – Блаце се очекуваат грант средства од ЕБОР во износ од 27 милиони евра до крај на годината.
– Тоа се неповратни средства. Ова се добри проекти бидејќи ќе се гради инфраструктура што ќе го придвижи економскиот раст, но и ќе ги подобри условите за живот на граѓаните во нашата земја – вели Тевдовски.
Инаку ЕБОР во јавниот сектор во земјава финансира најмногу проекти од патната и железничката инфраструктура. Портфолиото на Банката во овој сектор изнесува 622 милиона евра.
Тевдовски и премиерот Заев учествуваа на Годишните средби на ЕБОР во Сараево. Средбите се одлична можност за претставување на инвестициските можности на земјата, за разгледување на тековните, но и договарање идни проекти со Банката.