25 јули 2018, Скопје – Влезот на „Мурат Тиџарет“ во Македонија е вин-вин и за инвеститорот и за државата, истакна министерот за финансии на почетокот на градбата на турската фабрика за производство на кабли и електрични инсталации за автомобилската индустрија во ТИРЗ Скопје 2.
Тевдовски посочи дека Владата очекува од странските инвестиции не само повеќе, туку и подобро платени работни места.
– Македонија, пак, има придобивки и за граѓаните и за економијата, односно за бизнисот. Од аспект на граѓаните, оваа и секоја нова гринфилд или браунфилд инвестиција значат нови работни места. Но, Владата не само што поддржува отворање нови работни места, туку се залага и тие да бидат подобро платени. Имено, државата ќе врати 20% од нето платата за сите нововработени во компанијата, но само под услов тие да земаат плата поголема од 18.000 денари. На „Мурат Тиџарет“ им посакувам што е можно поголеми суми на поврат на средства од државата по овој основ – рече Тевдовски.
Тевдовски посочи дека во првите пет месеци земјата има раст на извозот од 14%. Тој рече дека Владата сака и во иднина да го задржи овој позитивен тренд , за што ќе придонесе и новата фабрика на „Мурат Тиџарет“, чие производство е наменето за европскиот и за американскиот пазар.
– Очекуваме придобивки и за домашните компании. Во Македонија има многу мали и средни бизниси, кои можат да бидат одлични добавувачи. Од странските инвеститори, пак, домашните фирми добиваат работа, know how и можност за поврзување со странските пазари. И гледате, повторно имаме вин-вин ситуација и за инвеститорот и за домашните компании – рече министерот за финансии и дополни дека „Мурат Тиџарет“ во Македонија добива и едуцирана работна сила, поволна бизнис клима и поддршка од Владата.
Министерот истакна дека во Буџетот оваа година Владата издвоила рекордна сума средства за поддршка на инвестициите, а мерките преку кои тие се доделуваат се транспаренти и правични.
На почетокот на градбата присуствуваа и премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за странски инвестиции Аднан Ќахил.
Висината на планираната инвестиција изнесува околу 7 милиони евра. На градежна парцела од 34.000 метри квадратни објектот ќе се гради во три фази и планирано е да се простира на површина од 18.000 м2, со предвидена прва фаза од 6.200 м2 објект. Компанијата има операции во Европа, Кина, Северна Америка, неколку фабрики во Турција, Кина, Мексико со над 2200 луѓе. Во најновата фабрика во Македонија планира првично да отвори 300 нови работни места.