12 февруари 2019, Ереван – Министерот за финансии Драган Тевдовски присуствува на конференцијата „Даноци, правда и економски развој“, што се одржува во Ереван, Ерменија, а е организирана од германската фондација „Фридрих Еберт“. Тој во своето излагање ги презентираше македонските искуства за реформирање на даночниот систем, со цел намалување на доходовната нееднаквост и забрзување на економскиот развој.

Министерот Тевдовски е поканет како говорник на конференцијата заради визијата за поправедно општество и кредибилното водење на јавните финансии.

– Само преку создавање кредибилни институции и одговорно управување со истите можеме да одиме напред. Владата уште од почетокот е посветена на креирање подобро општество за сите. Целите се подобар животен стандард за граѓаните, напредок на земјата и развој на економијата. Во делот на даноците сме посветени на креирање праведен даночен систем – изјави министерот Тевдовски.

Тевдовски во својата презентација ги објасни и причините поради кои Владата одлучи да воведе праведен, прогресивен данок почнувајќи од годинава.

Министерот за финансии во своето обраќање направи споредба помеѓу прогресивните и рамните даноци. Зборуваше за нивните ефекти врз доходовната нееднаквост, јавниот долг и економскиот раст.

На Конфгеренцијата свое излагање имаше и Норберт Валтер-Борјанс, поранешен министер за финансии на Северна Рајна-Вестфалија.

Comments are closed.