11 декември 2018, Скопје – Измените и дополнувањата на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, со кои се ограничуваат високите трошоци за брзите кредити, денес е на комисиска расправа во Собранието на РМ.

Со законските измени што ги изготви Министерството за финансии, вкупните годишни трошоци за потрошувачки кредити се ограничуваат на пет пати од затезната камата или 55% од кредитот во моментот. Претходно,  годишните трошоци не беа ограничени и можеа да достигнат и до 500% од кредитот. Со измените се опфаќаат вклучително и мали кредити под 200 евра, кои претходно не беа законски опфатени.

– Согласно постојните законски прописи, трошоците што кредиторите ги пресметуваат и наплатуваат за одобрените потрошувачки кредити како провизии, надоместоци и сл., кои се вклучуваат во определувањето на годишната стапка на вкупни трошоци, не се ограничени. Тоа им дава можност на кредиторите да пресметуваат високи надоместоци и провизии при одобрувањето потрошувачки кредити. Ваквата состојба е особено изразена кај договорите за кредити на мали износи и со кратки рокови на враќање. На тој начин, голем број од граѓаните како кредитокорисници имаат потешкотии при отплата на кредитот, при што најчесто се принудени да земат нов кредит за покривање на претходниот – рече министерот за финансии Драган Тевдовски.

Како што посочи, од таа причина се предлагаат измени и дополнувања на Законот за да се ограничи годишната стапка на вкупни трошоци на потрошувачките кредити.

– Со оваа измена ќе се ограничат вкупните трошоци, односно провизии, надоместоци и сл., што ги плаќаат граѓаните и ќе се минимизира ризикот од понатамошно влошување на финансиската состојба на граѓаните што имаат проблеми со отплата на кредитот – рече Тевдовски.

 

Comments are closed.