7 септември 2018, Скопје – Преку 15,3 милијарди денари или 250 милиони евра се инјектирани во стопанството заклучно август, преку редовен и неселективен поврат на ДДВ кон фирмите, истакна денеска министерот за финансии Драган Тевдовски по завршување на Комитетот за финансиска стабилност на која присуствуваше и гувернерот на НБРМ Анита Ангеловска Бежоска.
Во август е извршен најголем поврат на ДДВ на месечна основа во последниве 5 години од 2,7 милијарди денари или околу 44 милиони евра.
-Преку навремениот и неселективен поврат на ДДВ се подобрува ликвидноста на фирмите и се стимулираат инвестициите. Само во август имаме поврат од 2,7 милијарди денари, што е рекордна сума изминативе 5 години. Преку 15,3 милијарди денари или 250 милиони евра се инјектирани во стопанството од почеток на годинава, само по основ на поврат на ДДВ – рече Тевдовски.
Министерот за финансии рече дека стабилноста во финансискиот сектор се огледа и во реалниот сектор. Како што посочи Тевдовски, последните податоци за растот на економијата во второт тримесечје од 3,1% покажуваат дека македонската економија се движи во вистинска насока.
-Сите макроекономски индикатори покажуваат дека економијата се движи во позитивна насока. Индустриското производство од почетокот на годинава има кумулативен раст од 5%. Последниве два месеци има високи стапки на раст на индустријата од 12% во јуни и 8,4% во јули. Имаме висок раст на извозот од поечтокот на годинава од 14%. Странските директни инвестиции во првата половина на годината се 325 милиони евра, што е двојно повисоко од просекот од последните три години. Денеска излезе и стапката на невработеност, која е намалена од 21,6 на 21,2%. Имаме раст на платите кој е значаен и изнесува 5,6%. Ако ги погледнете сите податоци од наплата на даноци во буџетот тие се согласно проекциите – рече Тевдовски.
Министерот за финансии посочи дека врз основа на сите овие податоци се очекуваат добри економски резултати до крајот на годината.
Комитетот за финансиска стабилност се одржува во насока на подобра координација помеѓу Народната банка и Министерството за финансии. Тој се одржува на секои 6 месеци.