12 април 2019, Вашингтон – Бордот на директори на Светска банка набргу ќе ја усвои Рамката за партнерство 2019-2023 со која на Република Северна Македонија ѝ се ставаат на располагање 420 милиони долари. Тие се наменети за проекти во областа на инфраструктурата, подобрување на климата за стопанисување и инвестирање во човечки капитал. Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски по средбата со директорката на Светска банка за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер, во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светска банка.

– Ние очекуваме дека следниот месец, Светска банка на својот Борд ќе ја одобри стратегијата за соработка со нашата земја, со Северна Македонија, за следниот период, каде што ќе бидат обезбедени 420 милиони долари со кои ќе се финансира изградба на локални патишта, но и на различни начини ќе се вложува во подобрување на човечкиот капитал во нашата земја. Со тоа ќе се обезбеди подобрување на животниот стандард на граѓаните на Северна Македонија – рече Тевдовски.

Во рамки на овие проекти спаѓа Проектот за олеснување на трговијата и транспортот за Западен Балкан во вредност од 26 милиони евра. Исто така, и  проектот за изградба и рехабилитација на локални патишта во вредност од 70 милиони евра. Стратегијата го опфаќа и Проектот за реформи во земјоделието за развивање дистрибутивни откупни центри, како и проекти за поддршка на реформи за развој на образованието и на здравството и проектот за пензиска реформа.

Во рамки на Пролетните средби, делегацијата предводена од министерот за финансии Драган Тевдовски и гуверенрката на Народна банка Анита Ангеловска-Бежоска ќе оствари повеќе средби со високи претставници на Светска банка, ММФ, ЕИБ и други финансиски институции.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.