15 јуни 2019, Скопје – Извештајот на кредитната агенција „Фич“, со кој го подигна кредитниот рејтинг на земјава после 13 години, е сериозна потврда за исправната фискална политика, а потенцирани се и направените реформи во системот на јавни финансии. Ова го посочи министерот за финансии Драган Тевдовски презентирајќи го извештајот на кредитната агенција.

– „Фич“ позитивно ги оценува преземените мерки за подобро управување со јавните финансии, особено повисоката буџетска транспарентност и воведувањето  фискално правило за општините. Се нотира и дека преземените мерки како што се пензиската реформа, подоброто таргетирање на социјалната помош и прогресивното оданочување придонесуваат врз намалување на дефицитот – рече Тевдовски.

Тој посочи дека проекциите на „Фич“ и на Министерството за финансии во врска со растот на економијата за оваа и за следната година се слични. Тевдовски рече дека според „Фич“ растот ќе се базира на широка основа со закрепнување на домашните инвестиции и континуиран раст на личната потрошувачка, што е во согласност и на владините проекции.

„Фич“ нотира дека подобрените стандарди на владеење ја поддржуваат имплементацијата на реформите и ја зголемуваат довербата дека земјата нема да се врати на политичката парализа во периодот од 2014 до 2017 година. Напредокот во евроатлантските интеграции ја поддржува довербата на инвеститорите и дејствува како сидро за реформи и макроекономска стабилност.

– Подобрениот кредитен рејтинг позитивно влијае врз одлуките за инвестирање во една земја, што понатаму уште повеќе ќе влијае врз зголемувањето на економскиот раст, повисок извоз, повисока вработеност и повисоки плати или, со други зборови, подобар животен стандард за граѓаните – рече Тевдовски.

Тој посочи дека овој исклучителен резултат е многу значаен и за самото Министерство за финансии, како главна национална институција одговорна за односите со кредитните рејтинг агенции.

 

Comments are closed.