Научноистражувачките институции и универзитетите

ќе мора да претрпат промена, да бидат поотворени кон претпријатијата и да бидат поблиску до потребите на пазарот.

Во современите текови на глобализација се наметнуваат нови правила на игра и за македонските претпријатија. Тие се соочуваат со конкуренцијата диктирана од поширокиот пазар на кој важат многу високи технолошки стандарди и критериуми за квалитет. Како што технолошкиот раст во развиените земји се зголемува, така претпријатијата од помалку развиените земји се соочуваат со можност од технолошко заостанување. Со тоа се намалува нивната конкурентност и се создаваат неповолни услови за севкупен развој на државата. За да бидат конкурентни, претпријатијата мора да воведуваат нови технологии и иновации во своите процеси. Овие процеси се долги, скапи, бараат систематски и стратешки пристап и се изложени на многубројни предизвици на пазарните случувања.
 

Досегашниот развој на компаниите во Република Македонија, особено на малите и средни претпријатија, покажа дека многу од нив немаат современи технологии заради што се во тешкотија да воспостават партнерство со компании од странство. Степенот на инвестиции во нова опрема и технологии кај повеќето домашни компании е низок и многу малку се вложува во развојни истражувања. Исто така, постои голема неусогласеност помеѓу научноистражувачките институции, универзитетите и производниот сектор. Во голем дел кадрите што работат во овие институции и претпријатија или немаат доволно искуство или, пак, немаат мотивација за меѓусебна соработка. Многу често, македонските компании не може дури ни да ги идентификуваат своите сопствени потреби за усовршување во дадена област. Анализирајќи ги причините за овие слабости, може да се дојде до сознание дека е потребно да се изгради ефикасен национален систем за иновации, кој ќе има задача да го подигне технолошкото ниво и конкурентноста на нашите компании. Изградбата на овој систем треба да биде заснована на домашниот потенцијал, на научноистражувачките институции и универзитети, како и на соработка со странски развојни институти, научноистражувачки центри и компании. Државата преку своите институции треба да биде силен катализатор во овие процеси.Во прв ред потребно е да се стимулираат македонските фирми за технолошки развој и иновации. Тоа може да се направи со финансиска поддршка и грантови за определени цели. Претпристапната програма за конкурентност и иновативност на Европската Унија е една од можностите која македонските претпријатија може да ја искористат. Во првиот столб од оваа програма, кој се однесува на претприемништвото и иновациите, веќе се создадени услови за учество на македонските претпријатија и институции. Европскиот информативен и иновативен центар во Македонија, кој е дел од мрежата Enteprice Europe Network, е создаден со грант од Европската комисија добиен преку оваа програма. Преку овој центар може да се иницира директна соработка на македонските компании со компаниите од еврозоната и тоа токму во областа на технолошкото усовршување и иновациите. Во следниот период, во рамките на оваа програма, македонските компании и институции ќе може да учествуваат и во делот за информациски и комуникациски технологии, како и во делот на интелигентни извори на енергија. На тој начин, преку кофинансирање и грантови, нашите фирми ќе добијат можност за финансиска поддршка на нивниот технолошки развој и иновации.
 

Домашните истражувања во насока на развојни технологии и иновации, исто така, мора да бидат зголемени. За таа цел треба да се финансираат оние научноистражувачки и развојни проекти што ќе бидат одржливи и директно применливи во стопанството. Научноистражувачките институции и универзитетите, исто така ќе мора да претрпат промена, да бидат поотворени кон претпријатијата и да бидат поблиску до потребите на пазарот. Лабораториите што егзистираат во овие институции мора да се осовременат и да се надградат за да може поадекватно да одговорат на потребите. Во рамките на овој процес, треба да се најде начин на претпријатијата да им биде обезбедена и техничка помош во зголемување на нивните технолошки капацитети и степен на иновации. Контактите со оној дел од дијаспората, кој се занимава со релевантната проблематика може да бидат исто така корисни и за двете страни.
 

Речиси во сите производни сектори недостига технолошки платформи во кои ќе биде разработена развојната стратегија и ќе бидат определени насоките, задачите и целите за идните научни-истражувања од кои ќе произлезат нови технологии и иновации. Можеби затоа универзитетите често пати вршат научни истражувања во области кои се тотално неприменливи и од кои производните компании немаат никаква придобивка. Овие технолошки платформи треба да се изградат со меѓусебно содејство на академскиот потенцијал, приватниот сектор и државните институции и во нив треба да бидат вградени реалните потреби на македонските компании.Поврзаноста помеѓу научноистражувачкиот и академскиот потенцијал може да се оствари со финансирање заеднички проекти во кои ќе учествуваат и компаниите. Јавно-приватното партнерство помеѓу универзитетите и компаниите исто така може да го комерцијализира знаењето и да помогне во зголемување на технолошкиот и иновативниот потенцијал на претпријатијата.Со спроведување на споменатите политики во доменот на технолошкиот развој и иновациите ќе се создаде критична маса на домашни компании кои ќе бидат технолошки способни да обезбедат производи и услуги со висок квалитет. Така, тие ќе се интегрираат во глобалните текови како сериозни партнери или добавувачи на други странски компании. Со тоа ќе се привлечат и странски директни инвеститори, особено во областите во кои е потребно повисоко технолошко ниво и во кои производите се со висока додадена вредност. На тој начин ќе се зголемат конкурентноста на македонските компании и бројот на иновациите, ќе се зајакне економијата и ќе се отворат нови можности за вработување, а македонските компании ќе бидат поконкурентни во глобални рамки. Доколку тоа не се направи, постојните слабости уште повеќе ќе го зголемат јазот со останатите членки на Европската Унија и ќе ја доведат во прашање можноста на македонските компании да бидат конкурентни на заедничкиот европски пазар.

Зоран Ставрески

Comments are closed.