Денеска ги објавуваме неплатените обврски на државните институции, со пресечен датум 31.05.2017.Прегледот на неплатените обврски што ќе го презентираме е изработен врз основа на податоци кои што буџетските корисници, фондови, јавни претпријатија и општини ги доставија до Министерството за финансии. Затоа Министерството за финансии не може да ја гарантира нивната веродостојност.
Вкупните неплатени обврски заклучно со 31.5.2017 година изнесуваат 22 милијарди денари, односно 363 милиони евра. На слајдот може да се види нивната структура. Тие се најголеми кај буџетските институции и јавните претпријатија основани од РМ.
Буџетските корисници и фондови, заедно со локалните установи финансирани преку блок дотации, имаат неплатени обврски во износ од 6 милијарди денари. Неплатените обврски на буџетските корисници изнесуваат 5,1 милијарда денари, на фондовите 30 милиони денари и на локалните установи финансирани преку блок дотации 893 милиони денари.
Во рамките на буџетските корисници, најголемиот износ на неплатените обврски е во финансирање на дејностите од областа на културата во износ од 2,4 милијарди денари. Тука обврските се главно за изградбата на салата на Филхармонијата, Драмскиот театар, објектот Мајка Тереза и во Театарот Велес.
Неплатените обврски на јавните здравствени установи изнесуваат 3,2 милијарди денари. Најголеми се во Институтот за трансфузиона медицина, Општата болница 8 Септември Скопје и Клиниката за хируршки болести Св. Наум Охридски Скопје.
Јавните претпријатија основани од РМ имаат неплатени обврски во износ од 6 милијарди денари. Најголеми се во МЖ Транспорт, АД Мепсо и АД Македонија пат.
Општините имаат неплатени обврски во износ од 4,6 милијарди денари. Општини со најголеми неплатени обврски се Охрид, Тетово и Карпош.
Локалните претпријатија основани од општини имаат неплатени обврски во висина од 2,5 милијарди денари. Највисоки обврски имаат локалните претпријатија во Куманово, Охрид и Градот Скопје.
Деталниот преглед на неплатените обврски може да се најде на веб-страната на Министерството за финансии во делот Реформи, па потоа да се избере Транспарентност и отчетност.
Дозволете да ја информирам јавноста дека Министерството за финансии во моментов договара со Светска банка проект за справување со овие обврски и развивање на механизми за нивно спречување во иднина.
Дополнително, Министерството за финансии започна да се подготвува за надоградба на софтверот со цел неплатените обврски да бидат систематски евидентирани, односно, да може да се гледаат во реално време.