18 јули 2017, Скопје – На денешната аукција Министерството за финансии издаде државни хартии во вредност од 652 милиони денари или 10,6 милиони евра.
Би сакале да истакнеме дека сегашните камати за државни хартии од вредност се меѓу историски најниските и се движат oд 1,45% до 3,8% во зависност од рочноста. Тие се двојно пониски во однос на каматата на старите долгови кои се сервисираат. За споредба, каматата кон Дојче Банк изнесуваше 6,456%.
Во периодот од јуни до денеска, Министерството за финансии врати стари долгови во износ од 122,5 милиони евра. За овој период државниот долг е намален, а официјалните податоци за тоа колку изнесува истиот за вториот квартал од годинава ќе бидат објавени на веб-страната на Министерството за финансии на 31 јули 2017.
Министерството за финансии во насока на транспарентноста во работата со јавните финансии редовно ќе ги информира граѓаните за средствата кои се позајмуваат, како и за нивната намена.
Средствата кои досега беа повлечени беа искористени за враќање на доспеани, наследени долгови, но и за тековно финансирање на буџетот.
Работата на Министерството и во иднина ќе се одвива во насока на изнаоѓање на оној извор на пари за финансирање кој ќе нуди најдобри услови, односно најниска камата.
Резултатите од аукцијата можете да ги најдете на следните линкови: Известување за аукција на 15 год.обврзница и Известување за аукција на 12 месечни записи.