Финансиската и глобалната светска криза ги променија стандардните перцепции за економскиот развој и влијаеја во насока на забавување на економскиот раст, а Македонија во однос на останатите земји помина релативно добро, но тоа не значи дека нема предизвици за идниот економски развој.
 
Ова се главните заклучоци на тркалезна маса на тема „Како да се постигнат повисоки стапки на раст во посткризно опкружување“, што денеска се одржа во Скопје во организација на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, а по повод посетата на главниот економист на Светска банка за регионот на Европа и Централна Азија, Индермит Гил.
 
На тркалезната маса, чија цел беше отворање на неколку прашања од аспект на можноста и моделите на економскиот развој во посткризниот период и како да се постигне висока стапка на економски раст во такви услови, присуствуваа претставници од македонската Влада, опозицијата, бизнис заедницата, стопанските комори и банкарите.
 
– Една ваква дебата е многу корисна за да се идентификуваат состојбите во глобалната, но и македонската економија и да видиме како да се засили потенцијалот за раст на нашата економија. За економскиот раст на Македонија битни се отвореноста на земјата и способноста за интеграција во европската економија, односно создавање поконкурентни производи кои ќе содржат повисок степен на додатна вредност, изјави вицепремиерот Ставрески на паузата на тркалезната маса.
 
За тоа да се случи, нагласи, потребно е да продолжат инвестициите во делот на подобрување на вкупната инфораструктура и подобрување на бизнис амбиентот.
 
– Она што досега го правевме на доста успешен начин во делот на реформите во бизнис климата мора да продолжи и натаму бидејќи тука е клучот за поконкурентна економија. Секако придонес за тоа има и квалитетната работна сила, рече Ставрески, истакнувајќи дека се неопходни натамошни инвестиции во образованието, посебно во делот на високото со цел да се произведува поиновативен кадар кој полесно ќе се прилагоди на понудата и побарувачката на пазарот на работна сила.
 
Улогата на државата, посочи, треба да биде и понатаму да го овозможува општиот амбиент за работа.
 
– Прашањето по кризата не е толку во големината на јавниот сектор и на државата, туку во нејзината ефикасност. Ние мора да продолжиме да ја подобруваме ефикасноста на државата во обезбедувањето на општите услови за да може да се развива приватниот сектор, рече Ставрески.
 
Може да се очекува, нагласи, дека идниот раст ќе биде базиран на малку променета улога на финансискиот сектор, каде е потребна постриктна контрола во светски размери, а и кај нас.
 
– Контролата е неопходна за да се одржи стабилноста на финансискиот сектор и тој да може постепено да испорача поголем износ за развој на приватниот сектор, а притоа да не ја загрози општата стабилност, односно да не дојде до финансиска криза или криза на некоја финансиска институција, рече Ставрески, додавајќи дека секоја држава мора на флексибилен начин да ги искомбинира параметрите за да се оствари повисок економски раст.
 
Главниот економист на Светска банка за регионот на Европа и Централна Азија Индермит Гил истакна дека стекнал впечаток оти Македонија многу добро успеа да ја одржи стабилноста во текот на кризата.
 
– Првата причина за тоа се фискалните политики на Министерството за финансии кои дадоа голем придонес, втората е значајниот придонес на монетарната и финансиската политика на централната банка и третиот подобрувањето во деловното опкружување и бизнис климата. Сега прашањето е како земјата ќе може да продолжи да надградува врз овие стабилни основи и да го зголеми економскиот пораст и стапката на вработеност, рече Гил.
 
Македонија, како што нагласи, не е единствената земја која размислува за овие прашања, бидејќи со нив се соочуваат сите делови на Европа.
 
– Сите земји ги преиспитуваат нивните модели за економски раст. Еден добар начин да се размислува за овие модели на економски пораст е преку компонентите – трговската размена, финансии, претприемништво, работна сила или труд и јавни услуги. Исто како и другите земји и Македонија треба да преиспита кои од овие компоненти нема да ги менува, а кои ќе ги менува. Ние сме подготвени да и пружиме помош на Владата и во тоа преиспитување и разгледување на овие компоненти, но и во спроведувањето на промените, рече Гил истакнувајќи дека Светска банка е подготвена добрата соработка и односи со македонската Влада да ги преточи во добри резултати.(