Развојните економисти од 1950-те го објаснуваа економскиот раст како сложен процес на економска, социјална и политичка трансформација. Подоцна, во 1980-те, економистите дојдоа до поедноставно гледиште според кое економскиот раст ќе се случи доколку се формулираат добри економски политики.
Развојните економисти од 1950-те го објаснуваа економскиот раст како сложен процес на економска, социјална и политичка трансформација. Подоцна, во 1980-те, економистите дојдоа до поедноставно гледиште според кое економскиот раст ќе се случи доколку се формулираат добри економски политики. Притоа, "добрите" економски политики беа дефинирани на унифициран начин: низок фискален дефицит, пониски царини, слободна трговија на стоки и капитал и пазарна алокација на ресурсите. Тоа беше рецептот за сите континенти и сите држави, независно од нивните историски, културни и социолошки особености, квалитетот на институциите и политичката економија.
Најголем дел од оваа визија беше преточен во тнр. "Вашингтонски консензус" кој го диктираа ММФ и Светската банка. Во текот на 1990-те, многу земји го следеа рецептот очекувајќи националното богатство набрзо да нарасне како резултат на дисциплинираната примена на овие политики. Земјите се натпреваруваа меѓу себе, некои по своја а некои под наметната волја, која подоследно ќе примени рестриктивни макроекономски политики и либерализација на трговските режими. Реално гледано, обемот, длабочината и брзината на реформите спроведени во текот на 1990-те беа најголеми во економската историја во еден така краток период. Многу земји излегоа од тој процес со намалена инфлација, либерализирани трговски режими и економии со пазарни елементи. Меѓутоа, индивидуалните резултати во одделни земји беа изненадувачки. Во азиските земји, растот беше импресивен. Сепак, некои земји како Кина и Индија, го остварија ова без да ги следат стандардните политики кои ги наметнуваа ММФ и Светска банка. Реформите во овие две земји се одвиваа многу побавно, државата задржа значајно учество, а заштитните трговски политики беа често практикувани. Во земјите во транзиција, декадата беше прилично турбулентна и предизвика големи потреси. Иако не беше неочекуван, падот на економската активност беше подлабок и траеше подолго од очекувањата. Некои земји успеаја при крајот на декадата да ја вратат економската активност на нивото од пред 1990-та, додека други и ден денес не се на тоа ниво.
На што се должат ваквите варијации и зошто се важни овие епизоди? Погледот во ретроспектива е секако потребен за да се сфати колку комлексен и некогаш тешко објаснив е економскиот развој. Политиките кои во некои земји резултираа со спектакуларен успех, во други земји и други услови имаа разочарувачки ефект. Со други зборови, нема единствен рецепт што успева секогаш. Нема едноставна или унифицирана формула за успех.
Кои се лекциите кои можат да се научат од не толку дамнешната, но аналитички богата економска историја? Прво, очекувањета што може да се оствари во еден историски краток период од 5 или 10 години, треба да се реални и правилно да се менаџираат. Умерениот оптимизам базиран врз реални перформанси е најадекватен амбиент за поддршка на економскиот развој, при што уметноста е во тоа како да се избалансираат резултатите и очекувањата за да се оствари таков ефект. Второ, реформите во 1990-те промовираа раст преку зголемување на ефикасноста на користење на ресурсите и подобра искористеност на капацитетите. Но, во голем број земји тие не креираа мотиви за зголемување на производствените капацитети. Лекцијата е дека економскиот развој не може да се одржи на долг рок доколку не се создадат мотиви за зголемување на производството и продуктивноста. Трето, економскиот раст несомнено бара макроекономска стабилност, отвореност на економијата и пазарна алокација на ресурсите. Сепак, остварувањето на овие три цели не подразбира унифициран сет на политики. Четврто, макроекономската стабилност мора да го поддржува развојот. Преголемата рестриктивност на фискалната или монетарната политика, или преценетоста на домашната валута, се еднакво штетни за растот како што се штетни преекспанзивните политики.
Последно и најважно, најголем број на Влади и држави имаат пристап "реформирај сè" или "реформирај најмногу што можеш". Овој пристап звучи логично и од економски и од политички аспект. Сепак, Владите не треба да реформираат сè, бидејќи тоа е непрагматично и тешко остварливо. Тие не треба да се обидуваат во исто време да ги решат сите проблеми. Напротив, умешноста на креаторите на економската политика е да ги издиференцираат клучните три-четири проблеми, односно тнр. "ограничувачки фактори" за економскиот развој. Тоа примарно може да бидат: отежнатиот пристап до капитал и/или ниската стапка на поврат на средствата во економијата. Притоа, бројни политики влијаат врз ова: географијата, инфраструктурата, регулативата, даноците, квалитетот на финансискиот сектор, нивото на домашното штедење, правото на сопственост, корупцијата итн. Реформските мерки треба да се селектирани и фокусирани само кон неколку клучни области, во зависност од тоа кои политики можат да имаат најголеми директни ефекти.
Водењето на економската политика во Македонија денес ги користи искуствата од економската историја. Првиот сет на реформи се фокусираше на три области: низок и едноставен рамен данок; поедноставување и поефтинување на едминистративните формалности; и намалување на корупцијата. Сите три се битни за зголемување на стапката на поврат на вложените пари од страна на економските субјекти. Вториот сет за 2008 ќе се фокусира на други ограничувачки фактори за економскиот развој: извршувањето на договорните обврски, висината на социјалните придонеси и правото на сопственост. Борбата против корупцијата и полесниот пристап до капитал остануваат во фокусот бидејќи се неопходни за остварување на економски развој. Макроекономската стабилност ќе се задржи и натаму, но без прекумерна ригидност и рестриктивност на фискалната и монетарната политика карактеристични за минатото. Се отвара и голем инвестициски циклус во инфраструктурата, прво во енергетиката и телекомуникациите, а следната година и во патната инфраструктура. Секако дека нема гаранција, но има одлични изгледи 2008 да биде успешна година за Македонија.
Водењето на економската политика е исто толку уметност колку што е занает.