24 септември 2020, Скопје – „Поддршка за исплата на плати и за месеците октомври, ноември и декември, 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка, државна кредитна гаранција, државна царинска гаранција, дополнително одложување на отплатата на кредитите за компаниите до крајот на годината, одложено плаќање ДДВ за компаниите, домашна платежна картичка за самохрани родители, пензионери со ниска пензија, пасивни баратели на работа, намалување и/или укинување на парафискалните давачки“, се само дел од мерките коишто се опфатени со четвртиот пакет-мерки, што беше усвоен на вчерашната седница на Владата.

Поддршката за исплата на плати ќе се обезбеди согласно падот на приходите во компаниите. Имено, колку е поголем падот на приходите во компаниите опфатени со оваа мерка, толку поголема ќе биде поддршката од државата за исплата на платите и таа ќе се движи од досегашните 14.500 до 21.776 денари. Со ова се обезбедува поголема стабилност на работните места. Со новата методологија за државна помош за исплата на платите ќе бидат поддржани 83.000 работни места на месечно ниво, односно вкупно 250 илјади плати за последниот квартал годинава. Вредноста на оваа мерка изнесува 70 милиони евра, а за да се оствари правото на неа, компаниите што ќе аплицираат мора да го задржат бројот на вработени заклучно со 31 јули 2020 година. Оваа мерка важи и за самостојните вршители на дејности, односно трговци-поединци, лицата што вршат земјоделска дејност, занаетчиска дејност и лица што вршат други услуги.

Платежни картички ќе добијат 283 илјади граѓани. Вкупната вредност на оваа мерка изнесува 27,6 милиони евра. Притоа, платежна картичка со вредност од шест илјади денари ќе добијат 5.726 самохрани родители, 182.271  пензионер со пензии до 15 илјади денари, 85.108 невработени – пасивни баратели на работа и 520 самостојни уметници, филмски работници, културни работници и естрадни уметници.

Платежни картички „Купувам домашно“ ќе добијат и 540 студенти, а кои во претходниот пакет не ги добија овие картички. Дополнително,  884 студенти и 347 ученици ќе добијат поддршка за ученички и студентски стандард, мерка за којашто се обезбедени 44 милиони денари.

Во овој пакет-мерки се опфаќаат и граѓаните кои имаат над 64 години а немаат пензија, ниту државна социјална пензија и се со приходи пониски од 15.000 денари, или воопшто немаат приходи.

Со тоа, оваа мерка опфаќа 283.000 наши граѓани, а нејзината вредност изнесува 27,6 милиони евра.

Зголемување на грејс периодот кај бескаматните кредити од КОВИД-1. Со оваа мерка, преку Развојната банка на Република Северна Македонија, на постоечките корисници на кредитни линии од оваа банка ќе им бидат обезбедени дополнителни 3 месеци грејс период пред да започнат со исплата на ануитетите од земените кредити.

 Со новиот пакет се обезбедени нови 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка на Република Северна Македонија.

Овие поволни кредити од Развојната банка на Република Северна Македонија се обезбедени преку Европската инвестициона банка и ќе бидат пласирани во јануари 2021 година преку деловните банки, со цел поддршка на домашните компании, со исклучително ниска камата.

За поддршка на туризмот усвоени се неколку мерки.  На 150 регистрирани туристички водичи за месеците октомври, ноември и декември, преку мерката Поддршка со плати за туристичките водичи,  ќе им биде исплатена минимална бруто-плата во висина од 21.776 денари.  Дополнително, преку мерката Поврат на туристичката такса за 2019 година, на 4.740 субјекти кои организирале ноќевања во 2019 година, ќе им бидат вратени 2 милиона евра, колку што изнесува вкупниот износ на туристичката такса инкасирана во таа година. Воедно, сите туристички агенции, во зависност од бројот на вработени и од вкупниот промет во 2019 година, како и во зависност од тоа дали се носители на лиценца А или Б, ќе добијат грантови од 3 до 7 илјади евра преку мерката Грантови за туристички агенции. Корисници на оваа мерка ќе бидат 500 туристички агенции, а нејзината вкупна вредност изнесува 1,9 милиони евра.

Со овој пакет-мерки се носи и мерката Намалување и/или укинување на парафискалните давачки. Во соработка со стопанските комори, ќе следи утврдување на листата на приоритетни парафискални давачки, како што се надоместоци, такси, дозволи, лиценци, плаќања за издвојување средства по разни основи и нивно тековно намалување и/или укинување на некои од нив.

Се обезбедуваат и Грантови за ресторани за свадби – поддршка ќе добијат сите регистрирани и лиценцирани субјекти за оваа дејност, во вкупна вредност од 1 милион евра. Грантовите одделно се во висина од 3.000 до 10.000 евра, во зависност од остварениот промет во 2019 година. Овде се отвора опцијата за регистрација на таквата дејност затоа што еден дел од овие дејности се регистрирани за организирање свадби, а друг дел само за достава на храна.

Со овој пакет е опфатена и мерката – Продолжување на лиценците за работа на дискотеките, ноќните клубови како и на компаниите од транспортната заедница. Согласно регистрацијата за работа, на околу 120 дискотеки и ноќни клубови, како и на околу 7000 транспортери, ќе им се продолжи лиценцата за работа и во 2021 година со нула денари надоместок, со тоа што транспортерите ќе добијат ослободување плус уште за една година, во зависност од тоа кога им истекува лиценцата што ја добиле.

Грантови се предвидени и за игротеки за деца. За околу 1.000 игротеки ќе се обезбедат грантови во висина од 1.000 до 5.000 евра во зависност од остварениот промет во 2019 година, а вредноста на оваа мерка е 2,5 милиони евра.

Обезбедена е поддршка и за занаетчиите. Со неа се предвидува намалување на ДДВ-то на нивните услуги и производи од 18% на 5% со цел да се зајакне нивната конкурентност на пазарот. На самостојните вршители на дејности, односно на занаетчиите, им остануваат на располагање и другите мерки, како што се оние за поддршка за исплата на плати или пристап до поволни кредити од Развојната банка на Северна Македонија.

Во периодот на имплементација на четвртиот пакет ќе се активира и мерката – Државна кредитна гаранција. Со оваа мерка државата става на располагање 10 милиони евра финансиски средства за поддршка на компаниите за полесен пристап до евтини финансиски средства, преку преземање дел од кредитниот ризик. Со државната гаранција од 10 милиони евра, на стопанството ќе му бидат на располагање кредити со вредност од 65 милиони евра.

Од голема поддршка за компаниите ќе биде и мерката – Државна царинска гаранција. Оваа мерка има за цел да обезбеди поголем извоз на компаниите и полесен пристап до суровини.

Како уште една мерка за олеснување на работењето на компаниите е – Дополнително одложување на отплатата на кредити за компании, до крајот на годината.

Во овој пакет се продолжува мерката за Намалување на казнената камата за јавни давачки за половина, од 0,03% на 0,015% до крајот на годината.

Ќе се продолжи и мерката Одложување на плаќањето аконтација на данокот на добивка. Мерката предвидува одложување на плаќањето на аконтациите на данокот на добивка до март 2021 година за компании што имаат пад на приходи поголем од 40%.

Продолжува и мерката Ослободување од ДДВ за донации од јавен карактер, за уште 12 месеци.

Една од новите мерки е Намалување на стапката на ДДВ за ресторански услуги и служење храна и пијалаци, со којашто овие услуги ќе се даночат со нова повластена стапка на ДДВ од 10% наместо сегашната редовна стапка од 18%. Целта на оваа мерка е намалување на сивата економија, пониски цени за граѓаните, како и поголема ликвидност на услужниот сектор за храна и пијалаци. За оваа мерка се потребни законски измени и истата ќе започне со имплементација од 1 јануари наредната година.

Со цел олеснување на финансиските обврски на компаниите се носи и мерката – Одложено плаќање на ДДВ-то. Со оваа мерка ќе биде дозволено одложено плаќање на ДДВ, седум дена по поднесување на ДДВ-пријавата, без камата. Една од мерките на овој четврти пакет-мерки за справување со последиците од КОВИД-19 е – Бришење на условот за собирање поени од Континуирано професионално усовршување (КПУ) за продолжување на лиценцата за сметководители. Корисници на оваа мерка се 9.360 регистрирани сметководители, за кои во 2020 година нема да важи условот за собирање поени од Континуирано професионално усовршување за продолжување на лиценцатаза  сметководители.

Во овие мерки е вклучена и мерката Зголемување на периодот за покривање загуби на товар на идни добивки. Со оваа мерка ќе се укине обврската од Законот за данокот на добивка за покривање на загубите на товар на идни добивки. Воедно, со предложените измени, ќе се продолжи рокот за пренесување  загуби на товар до пет години, наместо сегашното законско решение коешто утврдува пренесување на загубата до три години. Оваа мерка стартува оваа година и важи за 2020 и 2021 година.

Следната мерка од сферата на даночната политика е мерката – Зголемување на прагот со којшто субјектите би биле дел од режимот на неоданочување со данок на добивка и зголемување на прагот со кој субјектите би влегле во режимот на вкупен приход. Со оваа мерка се предвидува прагот да биде поставен на 5 милиони денари на годишно ниво, согласно кој може да се стане даночен обврзник во режимот на неоданочување. Мерката предвидува да се зголеми прагот со кој компаниите би биле дел од режимот на вкупен приход, односно правните лица што имаат вкупен приход помеѓу 5.000.001 денар и 10 милиони денари, да може да одберат дали да плаќаат данок на добивка или да преминат во режим на данок на вкупен приход од 1%. Со оваа мерка ќе се ослободат околу 1,15 милиони евра коишто компаниите можат да ги пренаменат за инвестиции или за други развојни бизнис планови.

Во овој пакет е вклучена и мерката Признавање на трошокот за приватно здравствено осигурување како признаен расход, како и мерката Признавање на расходите за тестирање од КОВИД – 19, исто така како признаен расход.

Со мерката – Намалување на увозните давачки за суровини и репроматеријали се обезбедува поддршка за најпогодените преработувачки индустрии, како и поттик за развој на преработувачките капацитети. Со оваа мерка, покрај сите автономни мерки за суровини утврдени на 24 декември 2019 година, се вклучува и намалувањето на увозните давачки за природен гас со конечна цел не само економски, туку и еколошки ефект.

За мерката – Поддршка за развој на човечкиот капитал, во овој пакет е предвидено ослободување од данок на добивка и данок на личен доход за трошоци за вработени коишто се однесуваат на доквалификација и тим билдинг.

Ќе се укине данокот на личен доход за трошоци кон вработени коишто се однесуваат на обука, квалификации, добивање лиценци, со што ќе се овозможи подобрување на квалитетот на работната сила со која располагаат компаниите, но истовремено ќе се пропише и законски лимит за овие трошоци, на пример една просечна плата на годишно ниво. Оваа мерка ќе започне да се имплементира од 1 јануари наредната година.

Со мерката – Поддршка на откупот на грозје од реколтата 2020 година, за којашто се предвидени 6,7 милиони евра, ќе се поддржат производители на винско грозје кои го предале своето грозје кај регистрирани винарски визби, како и винарски визби за транспортните трошоци при извоз. Секој извозник ќе добие субвенција според количината извезено вино, која ќе се исплаќа скалесто во зависност од количината на извезено вино.

За секторот игри на среќа е предвидена мерката – Ослободување во висина на 2/3 од законски пропишаниот износ за приредувачи на игри на среќа. Со оваа мерка приредувачите на игри на среќа, казината, ќе плаќаат 1/3 од надоместоците за ауто-рулет маси и други маси.

За да го олесниме работењето на општините во време на КОВИД-19, ја определивме мерката – Промена на пресметката на основата за финансирање на Единиците на локалната самоуправа, со којашто при издвојување средства за единиците на локалната самоуправа, наместо само за претходната година како досега, предвид ќе биде земена пресметката на просечната наплата на ДДВ за претходните три години.

Во овој пакет-мерки ќе се спроведе и мерката Викенд без ДДВ. Оваа мерка предвидува да опфати повеќе од 350 илјади граѓани, корисници на апликацијата „МојДДВ“, кои за време на продолжениот викенд на 10-11-12 октомври ќе можат да купат домашни производи и услуги или компјутери и друга ИТ опрема во вредност од најмногу 30.000 денари, а во рок од неколку дена на своите сметки ќе го добијат назад целиот износ на ДДВ. Со оваа мерка се проектира промет од 170 милиони евра, пари што ќе бидат инјекција за стопанството, а кон граѓаните ќе бидат вратени околу 17 милиони евра, од повратот на ДДВ. 

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.