1 март 2019, Скопје – Успешно се реализира Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии. Минатата 2018 година беа спроведени повеќето активности предвидени во Акцискиот план, а очекувам годинава да продолжиме со уште позасилено темпо, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на состанокот на Советот за управување со јавни финансии што се одржа во просториите на Министерството за финансии.
На денешната седница на Советот се дискутираше за Нацрт-извештајот за годишно следење на спроведувањето на Акцискиот план за Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии за 2018 година, за периодот декември 2017 – декември 2018 година и за Нацрт-aкцискиот план за спроведување на Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии за 2019 година.
– Во 2018 година, нашите напори беа фокусирани на подобрување на законодавството во неколку суштински области: планирање и буџетирање, јавни набавки, јавна внатрешна финансиска контрола и управување со јавниот долг, рече министерот Тевдовски. Тој додаде дека е задоволен од резултатите имајќи предвид дека најголемиот број од предвидените активности, околу 81 отсто, се целосно или делумно завршени.
Меѓу другото, направен е значителен напредок во процесот на изготвување нов Закон за буџетите, кој ќе вклучува одредби за фискални правила и Фискален совет, донесен е нов Закон за јавни набавки што ќе почне да се применува од 1 април годинава, во тек е подготовката на новиот Закон за внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, финализирана е Стратегијата за развој на јавна внатрешна финансиска контрола за периодот 2019-2021 година, беа донесени измени на Законот за финансиска инспекција во јавниот сектор, Законот за измена на Законот за јавен долг е во собраниска процедура, а подготвена е и Стратегија за реформа на даночниот систем.
Министерството за финансии континуирано работи на подобрување на транспарентноста во управувањето со јавните финансии. За таа цел е изработена и веб-апликацијата Граѓански буџет, а во моментов се работи на креирање на порталот „Отворени финансии“. Ставен е во функција и Електронскиот систем за пријавување и евиденција на обврски, а паралелно со реформата на буџетот, продолжуваат реформите на системот за управување со јавни финансии преку воспоставување нов ефикасен и интегриран информациски систем.
– Реформските процеси ќе продолжат во следниот период, што се рефлектира во новиот Нацрт-акциски план за 2019 година, рече Тевдовски.
Советот за управување со јавни финансии е воспоставен како координативно тело на Владата на Република Северна Македонија, на високо ниво, за следење на спроведувањето на реформите предвидени со Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии 2018 – 2021 година.
Во Советот членуваат Бујар Османи, заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Крешник Бектеши, министер за економија, Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација, Ѓоко Танасоски, директор на Царинската управа, Сања Лукаревска, директор на Управата за јавни приходи, Бардул Насуфи, директор на Бирото за јавни набавки, Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика, Кирил Каранфилов, претседател на Државна комисија за жалби по јавни набавки и Насер Адеми, заменик-главен државен ревизор.