Еден Марфиев закон вели: „Ако фактите се против тебе, негирај го законот. Ако законот е против тебе, негирај ги фактите. А ако и фактите и законот се против тебе, тогаш урлај до бесвест“.
Еден Марфиев закон вели: „Ако фактите се против тебе, негирај го законот. Ако законот е против тебе, негирај ги фактите. А ако и фактите и законот се против тебе, тогаш урлај до бесвест“. Да, фактите се против нив, а гледаме дека против некои нивни истакнати поединци е и законот. И тогаш, тие решија да урлаат на сцената, белки од тоа урлање ќе се заборават за нив лошите факти
Деновиве во јавноста, со право, е актуелен проблемот со зголемувањето на цените на прехранбените производи. Исклучително неповолните климатски услови, кои се последица од глобалното затоплување, ги намалуваат приносите во земјоделството насекаде во светот. Друг важен фактор е одлуката на многу земјоделци во светот, наспроти традиционалните прехранбени култури, да одгледуваат индустриски култури за биодизел, за кои може да добијат загарантиран откуп по многу поволни цени. Трет фактор е цената на нафтата, која достигна 100 долари за барел, што е двојно повеќе во однос на јануари 2007 година. Во вакви услови, ниедна земја не го избегна примарниот ефект од растот на храната и на горивото. Едноставно, тоа не можеше да се избегне. Затоа и се појави инфлација која во балтичките земји надмина 10 отсто, во Бугарија 12 отсто, Унгарија 7 отсто, Романија 7 отсто. Во Македонија во јануари имавме пораст на цените на мало од 6,7 отсто и животните трошоци од 8,7отсто, што сепак е помалку во споредба со многу други земји со посилна економија. Соочена со предизвикот, Владата прва реагираше со мерки што се во нејзина надлежност. Во минатата недела донесена е одлука за укинување на царината на рафинираното масло за јадење, како и продажба на пченица и нерафинирано масло од стоковните резерви. Истовремено, постигнат е џентлменски договор со производителите и трговците за намалување на цените. На подолг рок, мерките што се преземаат во земјоделството: субвенции, поволни кредити и отворање откупни центри, се насочени кон зголемување на производството, со што ќе се придонесе за стабилизирање на цените.
Одржувањето на ценовната стабилност е примарна задача на Народната банка, се разбира во тесна соработка со Владата. Оваа недела НБРМ ја зголеми каматната стапка на благајничките записи, со што упати прв сигнал до пазарот дека ќе дејствува за да ја зачува ценовната стабилност. Дали и понатаму ќе биде потребно да се зголемува каматната стапка, ќе зависи од натамошните движења на цените. Сепак, првичните сознанија за февруари се дека стапката на инфлација ќе биде пониска од јануарската. Предвидувањата за останатиот дел од годината се дека инфлацијата постепено ќе почне да се намалува и во глобални рамки и во Македонија.
Имајќи ги јануарските цифри пред себе, опозицијата побрза да алармира дека Владата е виновна за овој тренд. Како да сме влада на земја што е моќен глобален играч и која соодветно може да го измени глобалниот сооднос на понудата и побарувачката на светските берзи. Секако дека лајтмотивот на тие приказни лежи во намерата да се извлече политичка полза. И тоа секако е легитимен облик на политичка борба во една демократија. Природно е опозицијата да ја чека својата шанса и да ја критикува Владата тогаш кога ќе има основа за тоа. Но, токму тоа е прашањето. Има ли основа, има ли влијание на Владата во порастот на цените и конечно, има ли двоен морал во однесувањето на опозицијата во една иста ситуација? Анализирајќи го таквото однесување, прво што ми паѓа напамет е еден Марфиев закон кој вели: „Ако фактите се против тебе, негирај го законот. Ако законот е против тебе, негирај ги фактите. А ако и фактите и законот се против тебе, тогаш урлај до бесвест“. Да, фактите се против нив, а гледаме дека против некои нивни истакнати поединци е и законот. И тогаш, тие решија да урлаат на сцената, белки од тоа урлање ќе се заборават за нив лошите факти.
Факт број 1: Се’ уште се сеќавам на една моја одлука од 2005, кога живеев во САД, платата што тогаш ја примав во долари да ја внесувам редовно во Македонија и да ја конвертирам во денари, со кои запишував државни записи. Веројатно не бев единствениот кој донесе таква одлука за менаџирање на сопственото портфолио. Многу други граѓани, како и Македонци од дијаспората, но пред се’ македонските банки и фирми, во тој период наместо да ги пуштат во оптек средствата за инвестиции и за кредитирање на стопанството, решаваа да ги „замрзнат“ во државни хартии од вредност. Зошто? Многу едноставна причина. Министерството за финансии во текот на 2005 галантно со месеци не’ „честеше“ нас ситните штедачи, но пред се’ оние богати и моќни фирми и банки блиски до тогашната власт, со фантастично високи каматни стапки од незамисливи 11 отсто месечно. Бинго! Е тоа го нема нигде во светот. За безризичен пласман се добиваше фрапантен реален приход од близу 10 отсто месечно. Зошто банките во такви услови да го кредитираат стопанството, зошто фирмите да инвестираат, зошто граѓаните да штедат долгорочно, кога сите може со краткорочни трансакции да си „пијат кафе на раат додека гледаат како нивните средства растат“? Знае ли некој колкава цена Македонија плати со таквата погубна економска политика?!
Тоа, почитувани, е или елементарна некомпетентност во водењето на економската политика или софистициран облик на осиромашување на државата во корист на неколку најбогати фирми и банки, кои правеа огромни профити. И по таква „славна историја“, истите тие луѓе од комотна опозициска позиција денес бесрамно делат совети и критики эза фискалната и економската политика. Бљак. Факт број 2, 3, 4 итн. СДСМ во 2006 година не успеа да издејствува да се потпише законот за стечајците. Исто така не прифати да потпише договор со синдикатите за најниска плата од 5.000-6.000 денари. Парадоксално е што тие исти луѓе, денес ронат крокодилски солзи за стечајците и бараат минимална плата за работниците од 8.100 денари. За нив е „разочарувачки“ фактот дека од јуни 2006 до септември 2007 година бројот на вработени е зголемен за 32 илјади лица (извор: Анкета на работна сила). За нив е „разочарувачки“ што стапката на невработеност е намалена од 38,7 отсто во 2005 на 34,2 отсто во 2007 година. И „разочарувачки“ е што во 2007 година е остварена стапка на економски раст повисока од 5 отсто, која е најголема од 1991 наваму. Веројатно е тоа разочарување од точка на гледиште на неуспешни луѓе што одеднаш се соочени со фактот дека Македонија може, Македонија остварува и Македонија ќе успее. И дека тоа го прават некои други, а не тие. Сето ова не е за да се негира фактот дека проблемите постојат, тие се големи и се’ уште не се решени. Но, исто така, факт е дека конечно почнаа да се решаваат и дека за такви големи проблеми да се решат – потребно е време. Сите ние сме се’ уште незадоволни од високата стапка на невработеност. Но, факт е дека невработеноста првпат се зголеми на над 30 отсто токму во 1990 заради катастрофално спроведената приватизација, и вторпат од 31,9 отсто во 2002 година на неславно рекордни 38,7 отсто во првиот квартал од 2005 година. Затоа сме задоволни што почнавме да ја намалуваме – засега до ниво од 34,2 отсто, со очекувања да се спушти под 30 отсто во 2010 година. А најмногу сме задоволни од тоа што конечно урнавме некои комплекси: на помала вредност, на неуспешна земја, на неинвентивни лидери.
Зоран Ставрески