14 мај 2019 година, Скопје – Денеска се одржа Прва регионална конференција на тема “Факторинг како алтернативен начин на финансирање“, на која свое обраќање имаа заменик министерката за финансии, Ширет Елези и вицепремиерот Кочо Анѓушев. Конференцијата се одржува во рамки на Проектот на УСАИД за Факторинг.
Елези потенцира дека пристапот до финансии, особено за малите и средни претпријатија, е едно од горливите прашања на кои Владата на Република Северна Македонија е сериозно посветена.
“Во Законот за финансиски друштва, ќе се направат измени во делот кој се однесува на факторингот. Ќе се дефинира содржината на договорот и ќе се утврдат видовите на факторинг. Со тоа ќе се зајакне правната сигурност на овие договори, а на банките, финансиските друштва и самите корисници на услугата, ќе им се помогне да го разберат и препознаат факторингот како алтернативен начин на финансирање“, образложи заменик министерката Елези.
Владата на РСМ, додава Елези, е одлучна да го искористи овој потенцијал и на фирмите да им овозможува пристап до ликвидни средства без дополнително задолжување.
Вицепремиерот вели дека преку овој механизам компаниите можат да ја подобрат својата ликвидност.
„Овој механизам во нашата држава не е развиен заради неинформираноста и тоа што нема компании што ја нудат оваа услуга, а е блиско поврзано и со ризикот. За потенцијалите на оваа услуга зборува фактот дека околу 10 отсто од бруто домашниот производ во Европската Унија се средства коишто се опфатени со факторинг, односно големината или средствата што компаниите ги користат врз основа на механизмот факторинг се околу 10 отсто од бруто домашниот производ. На пример во Словенија тоа се 3% од БДП на Словенија или 1,2 милијарди евра на годишно ниво, додека пак кај нас тоа се мери во промили или е незначително“, истакна вицепремиерот.
Според него, актуелната состојба во нашето стопанство отвора широк простор за факторинг механизмот.
„Кај нас ситуацијата е таква што од една страна не го користиме овој механизам, а од друга страна имаме сериозен проблем со ликвидноста на македонските компании и затоа ценам и верувам дека има доволно простор за ова да се подобри“, потенцира тој.