Скопје, 8 април (МИА) – „Пазарните економии под притисок – дали има светлина на крајот од тунелот?“ беше тема на која денеска во Скопје дебатираа претставници на Владата, на банки, меѓународни институции и компании од повеќе сектори. Тркалезната маса ја организираа Фондацијата „Конрад Аденауер„ и Европската бизнис асоцијација.

 

Според организаторите, целта на конференцијата е на едно место релевантните фактори да дадат предлози и решенија за кризата кои лесно ќе се имплементираат, како и да се продискутира за тоа кои се перспективите на пазарната економија и капиталистичкиот систем.

 

Според гувернерот на Народната банка на Република Македонија Петар Гошев, македонскиот банкарски систем го издржа првиот удар на кризата, остана стабилен и сигурен, но оти реалниот сектор е силно погоден, најтешките денови допрва претстојат.

 

– Негативната повратна спрега меѓу реалната економија и финансискиот сектор може да произведе сериозни проблеми затоа мора да бидеме постојано будни, и банките и Централната банка и Владата на Република Македонија, рече Гошев.

 

Тој посочи на мерките што ги презела НБМ заедно со банките за зачувување и унапредување на стабилноста и за намалување на негативните ефекти од финансиската криза. Гувернерот порача дека сите политики треба да бидат насочени кон одржување фиксниот девизен курс.

 

Министерот за финансии Трајко Славески потенцира дека ќе се преземат мерки за подобрување на состојбите во трговскиот и платниот биланс и одбрана на девизниот курс.

 

– Владата е решена да ја одржи економската стабилност во соработка со Централната банка. Владата ја поддржува НБМ во нејзините со закон одредени цели, истакна министерот Славески. Тој посочи дека во овие услови треба да се обрне внимание на веќе присутниот процес на дефлација и да се видат инструментите и мерките во подолг временски период дали е добро земјата да прејде во состојба на стагфлација, како феномен на 21- век кој е поопасен од депресијата во 30-тите години од минатиот век.

 

Славески најави дека поради кризата, Владата веќе прави приспособување на растот на Бруто домашниот производ и на инфлацијата.

 

– Владата е свесна дека треба да се направи приспособување на растот на БДП и на инфлацијата кои ќе имаат влијание на приходната страна на Буџетот, рече министерот за финансии.

 

Со препорака за одржување на политиката на стабилен девизен курс беше и Бер ван Селм постојан претставник на Меѓународниот монетарен фонд во Македонија. Тој посочи дека треба да се направи ревизија на проекциите, расходите треба да бидат на ниво на приходите, како и макроекономска политика што ќе оневозможи намалување на девизните резерви.

Според него, Меѓународниот монетарен фонд ќе и помогне на Македонија доколку има потреба од тоа.

 

На конференцијата беше посочено дека прогнозите за Македонија покажуваат дека најреално е да има раст од еден процент. Беше сугерирано Владата да излезе со реални проекции за да може компаниите да планираат, како и да се намали буџетското трошење.

 

Присутните пројавија интерес за мерките за поттикнување на извозот, за намалување на дефицитот, како и за тоа колкави инвестиции се очекуваат годинава во земјава.скс/са/14:55

Comments are closed.