Скопје, 27 мај 2014 (МИА) – Филип Морис интернешнл од денес и официјално е стратешки партнер на Тутунски комбинат Прилеп. Новото партнерство треба да обезбеди профитабилно работење на прилепскиот комбинат и стабилна иднина за околу 6.000 негови кооперанти и вработени.

Во присуство на премиерот Никола Груевски и вицепремиерите Зоран Ставрески и Владимир Пешевски, во македонската Влада, договорот во име на Филип Морис интернешнл го потпишаа Оливио Вањети и Кристо Вал де Алдегуа и Александар Дервенџиев, директор на ТК Прилеп.

Во новоформираната заедничка компанија Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп, 51 процент учество во капиталот има Филип Морис, а ТК Прилеп 49 проценти. Со тие проценти ќе се распределува и добивката.

– Управувачката структура ќе му припаѓа на Филип Морис што е многу важно за натамошниот развој на Тутунскиот комбинат бидејќи со овој потег ќе постигнеме една од стратешките цели, а тоа е да се добие трансфер на ноу хау од водечкиот играч од оваа индустрија во светот, рече по потпишувањето на договорот вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Тој истакна дека Филип Морис интернешнл, во македонскиот народ и Влада ќе има стабилен партнер. Ова е вреден народ кој знае да ги награди со добар труд и добри резултати сите оние кои се однесуваат коректно кон него. Знаењето што го има во Македонија во оваа област е навистина огромно, но и тоа на Филип Морис. Очекуваме постепено ова партнерство да прерасне во уште посериозен регионален играч, рече Пешевски.

Потпретседателката на Филип Морис интернешнл за ЈИЕ, Спејси Кенеди истакна дека договорот е ново поглавје за нивната нова компанија и за Македонија, а воедно ќе се зајакне и нивното присуство во тутунската индустрија во регионот.

– Уверена сум дека овој заеднички потфат ќе донесе заедничка корист за нашите две компании и ќе создаде цврста основа за иднината на македонската тутунска индустрија. Ќе овозможи проширување на нашето присуство на македонскиот пазар, но исто така и натамошно зајакнување на нашето присуство во регионот на ЈИЕ, посочи Кенеди, истакнувајќи дека како компанија се свесни за долгогодишното искуство на тутунскиот бизнис во Македонија.

Претседателот на Филип Морис интернешнл за Источна Европа, Блискиот исток и Африка, Мирослав Зијелински, истакна дека покрај долгата историја на македонската тутунска индустрија, во проектот биле привлечени од позитивната клима за меѓународните инвеститори. – Оваа Влада, нејзините министри и нивната силна посветеност на растот на меѓународните инвестиции ни дава доверба за иднината на нашиот проект во Македонија. Уверени сме дека комбинацијата од водечкото меѓународно искуство на Филип Морис во светот заедно со силните корени на ТК ќе создаде одлична основа за вкупниот успех и за постигнување на нашите цели во иднина, наведе Зијелински.

Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, со договорот се крунисуваат долгогодишните напори на Владата да се најде добар и квалитетен стратешки партнер за ТК Прилеп и се затвора децениското проблематично прашање за стабилноста на работењето на Тутунски комбинат Прилеп.

– Има најмалку три придобивки од договорот. Првата придобивка е за производителите на тутун, за кооперантите и за вработените во ТК. Тутунскиот комбинат има околу 5.000 кооперанти производители на тутун и околу 1.000 вработени. За сите 6.000 семејства, со овој договор се обезбедува стабилна иднина и можност за позначаен откуп на произведениот тутун и стабилни услови за работење на Комбинатот каде тутунопроизводителите го предаваат тутунот, рече Ставрески.

Тој додаде дека со договорот е предвидено откупување одредени количини тутун секоја година, со што ќе се помогне во решавање на прашањето на откупот на тутун и на тој начин ќе им се помогне на сите непосредни производители на тутун.

За Тутунски комбинат Прилеп, посочи Ставрески, придобивката е што ќе може да почне да работи профитабилно и да ја подобри сопствената ликвидност и долгорочно солвентноста. Државата, пак, доби уште еден познат бренд меѓу странските инвеститори, што придонесува во напорите на Владата Македонија да биде препознаена како добра дестинација за инвестиции.

За директорот на ТК Прилеп, стратешкото партнерство со Филип Морис интернешнл, има историски карактер. – Стратешко партнерство со еден гигант во тутунската индустрија како што е Филип Морис, претставува предуслов Комбинатот по децениска неизвесност конечно да излезе од листата на т.н загубари и да им се приклучи на останатите успешни компании во оваа исклучително компетитивна индустрија, рече Дервенџиев.

Comments are closed.

Close Search Window