30 септември 2019, Скопје – Одржување на финансиската стабилност на земјата е приоритет, затоа финансиските регулатори во континуитет работат на унапредување на макропрудентната рамка преку анализи и следењето на системските ризици согласно највисоките меѓународни стандарди. Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, министерката за финансии, Нина Ангеловска, претседателката на Комисијата за хартии од вредност, Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, Климе Попоски и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Максуд Али, на денешниот состанок на финансиските регулатори, посочија дека се спроведуваат најдобрите практики од овој домен, во согласност со препораките на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка (СБ) во рамки на Програмата за проценка на финансискиот сектор (ФСАП мисија).
Во дискусијата на работниот состанок, акцентот беше ставен на активностите што се преземаат од регулаторните институции, поединечно и заеднички, за успешно усогласување со европските директиви и препораките од ФСАП мисијата. Уште на почетокот на средбата беше искажана целосна подготвеност на сите институции за спроведување на овие активности, по што поконкретно се разговараше за динамиката на нивното спроведување. Беше нагласено дека е добро и активностите да се одвиваат синхронизирано, со цел во претстојниот период координирано да се развиваат механизмите преку кои дополнително ќе се зајакнува стабилноста на финансискиот систем.
На средбата се разговараше и за потребата од продлабочување и формализација на соработка меѓу финансиските регулатори, со цел воспоставување на соодветна макропрудентна рамка согласно ЕУ директивите и препораките на ФСАП мисијата. Во таа насока од страна на Народната банка беше презентиран предлог текст на Меморандум за соработка, кој во најскоро време се очекува да биде потпишан. Со тоа се потврдува заложбата кај регулаторните институции и нивната цврста решеност воспоставената успешна соработка подинамично да се развива во функција на јакнењето на стабилноста и на прудентноста на нашиот финансиски систем.
Исто така, на состанокот беше посочено дека успешно е отпочнат и процесот за јакнење на заштитата на потрошувачите, односно корисниците на финансиските услуги, согласно најдобрата европска пракса.
Заокружувањето на низата активности поврзани со натамошното јакнење на домашната регулатива и на супервизорските практики на регулаторните институции, ќе испорача дополнителни гаранции за отпорноста на нашиот систем и за негова уште поголема подготвеност за апсорбирање на потенцијалните шокови.