Децата кои посетуваат редовно средно училиште, а потекнуваат од семејства приматели на социјална помош ќе добиваат годишно по 12.000 денари за потребите за нивното школување.
 
Средствата се обезбедени од Светската банка, а Договорот денеска го потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и претставникот на Светската банка во Македонија Маркус Репник.
 
– Целта на проектот е да помогнеме на сиромашните семејства да ги пратат децата во средно училиште да може да ги извадиме од сиромаштијата, рече министерот Ставрески, кој додаде дека тоа е и поддршка на мерките на Влдата за задолжително средно образование.
 
Според претставникот на Светската банка Репник ова е значаен проект особено во услови на светска економска криза со кој се штитат најранливите категории на граѓани. -Бенефините од преоктот, како што рече тој, ќе се чувствуваат откако ќе помине кризата.
 
Репник смета дека успехот на проектот не зависи само од Владата, која прави значајни чекори во овој план, туку и од секој граѓанин на Македонија кој има деца и треба да вложи напори за да им обезбеди образование.
Македонија е прва земја од регионот со ваков проект. Се спроведувал во Мексико и Бразил пред 10 години, како и во некои други земји кои имаат успешно искуство.
 
Со договорот Македонија добива 19 милиони евра. Рокот на отплата е 25 години, со седум години грејс период и варијабилна каматна стапка која е приближно еден процент. Потенцијални корисници на средствата се проценуваат на 18 до 20 илјади, а услов за да ги добијат се да бидат редовни ученици и да го завршат образованието.(МИА)