Скопје, 16 октомври 2013 (МИА) – Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ ја потврди фискалната стабилност на Македонија и го задржа кредитниот рејтинг на земјата на стабилен „ББ+“.

 

Рангирањето, како што наведува кредитната агенција, се базира врз подобрените проекции за економски раст на земјата, умерениот буџетски дефицит и државен долг, стабилната валута и стабилниот банкарски сектор.

 

Според „Фич“, како што денеска соопшти Министерството за финансии, растот на македонската економија во 2013 година, благодарение на одличните резултати во градежништвото, ќе биде 2,7 проценти. За 2014 и 2015 година, тие предвидуваат поинтензивен раст како резултат на зголемувањето на извозот и капиталните инвестиции на Владата. Исто така, агенцијата ги нотира и странските инвестиции во технолошко индустриските зони како важен контрибутор во трговското салдо во земјава, кои сега учествуваат со една петтина во вкупниот извоз.

 

На среден рок, „Фич“ оценува дека Владата ќе ги исполни целите кои ги има дадено во фискалната стратегија, односно дека буџетскиот дефицит ќе биде во утврдените рамки од 2,6 проценти од БДП до 2016 година. Според прогнозите на „Фич“, Европската унија – најголемиот трговски партнер на Македонија, постепено ќе се опоравува од економската криза, што ќе влијае позитивно на трговскиот биланс на Македонија.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.