Шеесетина компании денеска во кинеската провинција Гвангдонг се запознаа со поволностите и предностите за инвестирање во Македонија.

Скопје, 4 јули 2014 (МИА) – Шеесетина компании од автомобилската индустрија, електрониката, енергетиката, инженерството, банкарството, инвестициски фондови, текстилната и кожарската индустрија денеска во кинеската провинција Гвангдонг се запознаа со поволностите и предностите за инвестирање во Македонија.

Премиерот Никола Груевски на бизнис форумот, организиран во соработка со Веибо групацијата која веќе има објавено дека ќе инвестира во североисточниот дел на Македонија и ќе отвори 5.000 нови работни места, се осврна на реформите кои се спроведуваат, а чија цел е подобрување и унапредување на бизнис климата на Република Македонија.

Тој ги истакна најниските трошоци за правење бизнис во Европа кои ги овозможува Македонија, поволностите во технолошко-индустриските развојни зони и инвестициите во образованието, во насока на креирање способна и едуцирана работна сила. Тој стави акцент на макроекономските индикатори кои што креираат предвидливо економско опкружување кое е потребно за бизнис секторот.

– Имаме солиден раст, на пример минатата година ја завршивме со раст на БДП од околу 3,1 процент што беше трет најголем раст во Европа во 2013 година. Оваа година во првиот квартал имаме раст на БДП од 3,9 отсто што е прв најдобар резултат во Европа, изјави пред присутните премиерот Никола Груевски.

Во име на властите на Гвангдонг се обрати Ву Кент, кој даде позитивна оценка за бизнис форумот кој што го одржува македонската Влада, истакнувајќи дека на овој начин се градат многу поволни врски за соработка помеѓу двете страни. Кент истакна дека Македонија нуди добри можности за инвестиции на компаниите од Гвангдонг и посочи дека властите ги охрабруваат бизнисмените од Гвангдонг да инвестираат во Македонија.

– Со својот уникатен економски план и Република Македонија и Гвангдонг се во критична фаза на својата индустриска трансформација и надградување. Двете страни имаат свои комплементарности и пред нив стои голема иднина за нивна соработка, истакна Ву Кент во своето обраќање пред присутните.

Фактот што бизнис форумот во Гвангжу беше организиран во соработка со групацијата Веибо и на него учествуваа поголем број партнери на компанијата Веибо дава поголеми шанси за реализација на потенцијални странски инвестиции во Република Македонија.

– Имавме добра и одлична посетеност на голем број компании, а посебно е значајно што голем дел од овие компании се партнери на Веибо групацијата која веќе донесе одлука да инвестира во Македонија и да вработи над 5.000 луѓе. Тоа ја зголемува шансата и овие компании што се нејзини партнери да се одлучат да го следат тој пат и да ја искористат добрата бизнис клима и да инвестираат во Македонија со цел да се отворат нови работни места, изјави вицепремиерот Ставрески по завршувањето на бизнис форумот.

Владината делегација предводена од премиерот Груевски утре ќе одржи работна средба со менаџментот на Веибо, на која ќе се разгледуваат идните планови за реализација на проектите и за развој на односите помеѓу двете страни.

Comments are closed.

Close Search Window