УЕФА ќе финансира изградба на голем национален фудбалски тренинг-центар, инвестиција вредна 2,8 милиона евра.

УЕФА ќе финансира изградба на голем национален фудбалски тренинг-центар, инвестиција вредна 2,8 милиона евра.
Општината Карпош и Владата на Република Македонија ќе придонесат со обезбедување локација од 10 хектари земјиште како и ослободување на истата од локалните давачки за комуналии. За неколку месеци ќе почне изградбата на најголемиот и најмодерен фудбалски центар во Македонија и на Балканот.

 

Фудбалот е многу едноставна игра. Единствено ти треба една топка и мало парче трева или асфалт за да ја почнеш играта… а кога фудбалската топка ќе почне да се тркала по теренот, се’ може да се случи… Оние како мене кои се заразени по фудбалот од најмали нозе, знаат добро за што зборувам. Се сеќавам добро кога како дете заедно со моите другари од Автокоманда и од Железарница секој слободен момент го поминувавме играјќи фудбал на терените на денешен „Металург“, на паркинг-просторот меѓу двете кули, зад старата самопослуга на „Славија“, на падините на Гази Баба, во училишниот двор во „Григор Прличев“ или секаде каде што имаше барем десет квадратни метри простор за тркалање на фудбалската топка. Се сеќавам добро и на многубројните победи и порази, многуте модринки на нозете, редовните жолчни дискусии по натпреварите за тоа кој бил подобар, кои сепак на крајот секогаш завршуваа со пријателска пијачка на Јупи, Кокта и Швепс (да, тогаш немаше Кока-кола) на клупите пред зграда. Да бидам искрен, се сеќавам и на многуте насолзени очи кога заради настапувањето на вечерта моравме да ја прекинеме фудбалската игра тогаш кога беше најинтересно и најнеизвесно…

 

Туку, некако како да почнав да евоцирам спомени (како и сите над 40 години), па подзаборавив што сакав да кажам, за што сакав да пишувам. А всушност сакав да пишувам за инвестициите. Поточно, за странските инвестиции. Уште поточно за првата странска инвестиција во спортски и фудбалски комплекс во Македонија. Тоа е значајна странска инвестиција која во Македонија доаѓа во овие времиња на глобална економска криза. Инвеститор е УЕФА, во соработка со Фудбалската федерација на Македонија, Општина Карпош и Владата на Република Македонија. Еве за што поточно се работи.Претседателот на УЕФА, г. Мишел Платини („Фудбалски Наполеон“ како што омилено го нарекуваат Французите заради сето тоа што големата фудбалска ѕвезда на 1980 го направи за францускиот и светскиот фудбал) при неодамнешната посета на Македонија најави дека УЕФА ќе финансира изградба на голем национален фудбалски тренинг-центар, инвестиција вредна 2,8 милиона евра. Изградбата на тренинг центарот ќе биде целосно финансирана од УЕФА, како странска инвестиција за поддршка на развојот на фудбалот во Македонија.

 

Фудбалскиот тренинг-центар ќе се гради во општина Карпош, поточно во Карпош 3 кај спортската сала „Борис Трајковски“ и покриениот пливачки базен. Општината Карпош и Владата на Република Македонија ќе придонесат за негова реализација со обезбедување локација од 10 хектари земјиште, како влог на Република Македонија. Општината Карпош ќе ја помогне оваа голема странска инвестиција со ослободување на истата од локалните давачки за комуналии. Најавената инвестиција ќе овозможи за неколку месеци во Карпош да почне изградбата на најголемиот и најмодерен фудбалски центар во Македонија и на Балканот. Центарот ќе содржи две големи фудбалски игралишта за тренинг, помал стадион за 3.000 посетители, мини фудбалско игралиште (40х20 метри), како и спортски хотел и деловен простор со можности за организација на конференции и спортски настани.

 

Фудбалскиот центар во Карпош ќе претставува официјален тренинг центар за националниот фудбалски тим на Македонија, но ќе биде отворен и за сите други категории на репрезентации и тимови. Тој ќе нуди современи услови за тренинг и обука на играчите, тренерите, менаџерите на клубовите, фудбалските судии, македонски и странски фудбалски клубови. Со сите можности што ги нуди, фудбалскиот центар целосно се вклопува во поголемиот спортски комплекс кој ги вклучува постојната сала „Борис Трајковски“ и покриениот пливачки базен, како и најавените дополнителни тениски терени и други спортски објекти во Карпош.

 

Изградбата на модерен фудбалски центар, покрај спортскиот аспект, има извонредно значење и за локалниот развој на општина Карпош. Користењето на центарот за тренинг и други спортски обуки и конференции несомнено има големо значење за развој на млади спортисти и спортски таленти од околните училишта и населени места. Истовремено, престојот на многубројни спортисти и спортски работници во овој спортско-хотелски комплекс ќе има исто така големо значење и за локалниот економскиот развој, особено во делот на хотелско-угостителските услуги, производството на храна и пијалак, туризмот и други дејности.

 

Фудбалскиот центар несомнено е проект од национален интерес за развојот на фудбалот и спортот во Македонија. На терените во Карпош фудбалската топка ќе ја тркалаат многу заљубеници во фудбалската игра, од велемајстори и интернационални ѕвезди како Горан Пандев, до јуниори од локалните училишта како „Христијан Тодоровски – Карпош“ во кое неодамна почна изградбата на нова фискултурна сала. А богами, и јас едвај чекам да потрчам по волшебната црно-бела бубамара. Затоа, да бидам искрен, ова сепак не е приказна за инвестициите… ова е приказна за нешто многу позначајно. За емоциите и енергијата. Радоста и солзите. Креативноста и подготвеноста. Натпреварувањето и дружењето. За играта која не’ учи како да победуваме и како да ги поднесуваме поразите. За играта која не’ учи како да успееме во животот. Ова е приказна за неговото величество – фудбалот.

Зоран Ставрески

Comments are closed.