Усогласување на царинското законодавство со европското, зајакнување на пограничните контроли и модернизација на информатичките системи, се дел од активностите на кои работи Царинската управа на Македонија со цел нејзино модернизирање и приближување кон европските стандарди.
 
Реформите се реализирани со финансиска поддршка од три милиони евра од европските фондови и се во насока на оспособување на Царината да стане интегрален дел од царинските управи на Европската унија по влегувањето на Македонија во Унијата.
 
– Царината претставува служба која уште од првиот ден од членството на земјата во Унијата мора да биде подготвена да ги преземе надлежностите согласно европското законодавство и пракса, што бара нејзин постојан ангажман, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната презентација на проектите за реформа на Царината, поддржани од Европската унија.
 
Според него, направен е значаен прогрес во делот на реформите во Царината во последните три години.
 
– Кај Царината, која пред три – четири години беше позната како многу неефикасна, корумпирана институција во којашто беше тешко да се добие декларација и да се направи извоз или увоз на стоки, денеска е препознатлив прогресот, односно забележливо е дека квалитетот и ефикасноста на царинското работење е многу подигнат и оти Македонија со оглед на нивото на развој има многу добри стандарди во делот на превозот на стоки и луѓе и олеснување на економијата и на трговијата, рече министерот Ставрески.
 
Тој потсети дека минатата година се донесени 50 мерки од пакетот Регулаторна гилотина кои се однесуваат на поедноставување и забрзување на царинските постапки и оти во тек е реализација на проектот за обработка на царинските декларации по електронски пат.
 
За евроамбасадорот Ерван Фуере, Царината во последните години бележи напредок особено во делот на борбата против криминалот и трговијата со фалсификуваната стока и имплементацијата на стратегиите за борба против корупцијата и за обука и професионален напредок на царинските службеници.
 
– Царинските управи денеска се соочуваат со нови предизвици. Мора да обезбедат непречен проток на трговија, а воедно да применуваат потребни контролни мерки и да ја чуваат безбедноста на граѓаните. За да се постигне балансот меѓу овие барања царинските постапки и методите на контрола мора да се модернизираат и да се засили соработката меѓу различни служби, подвлече Фуере.(МИА)