1 ноември 2017, Скопје – Во период од 30 ноември до 1 декември 2017 година, во организација на Царинската управа на Република Македонија и со поддршка на УСАИД и Светска Банка/IFC, се одржa неформален регионален состанок на директорите на Царинските управи од Западен Балкан.
Главната цел на состанокот беше подготовка на заеднички пристап на Царинските служби од регионот со цел унапредување на економската соработка во Западен Балкан, во контекст на Берлинскиот процес и Самитот во Трст што се одржа во јули 2017 година каде беше изготвен повеќегодишен акциски план за справување со проблемите со кои се соочува Западен Балкан, преку прифаќање на идејата за создавање на регионална економска област и ЕУ фондови за поддршка на инфраструктурата во овие земји.
Покрај високи претставници на Царинските управи на Македонија, Црна Гора, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Косово, на Неформалниот состанок присуствуваа и високи претставници на УСАИД, Светска Банка, Секретаријатот на ЦЕФТА и Советот за регионална соработка.
Како резултат на поддршката на Владата на Република Македонија на идејата за создавање на регионална економска област, на 30 ноември 2017 година пред учесниците на Неформалниот состанок министерот за финансии Драган Тевдовски, посочи дека со воспоставување на регионална економска област ќе се постигне еден единствен заеднички пазар, каде движењето на стоката ќе биде значително олеснето, а за тоа да се случи потребна е институционална подготовка и зајакнување на Царинската управа, што е предвидено со Програмата за управување со јавните финансии 2018-2021 на Министерството за финансии.
Неформалниот состанок продолжи и на 1 декември 2017 година, кога покрај министерот за финансии на РМ и директорот на Царинската управа на РМ, обраќање имаа и директорот на Канцеларијата за генерален развој на УСАИД во Македонија г-дин Едвард Гонзалез, менаџерот на Светска банка/ИФЦ во Македонија г-дин Зоран Мартиновски, експерт од Совет за регионална соработка г-ѓа Ивана Гардашевиќ и директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА г-дин Емир Џикиќ.
Во рамки на состанокот беа споделени најдобрите практики и искуства во врска со заедничкиот пристап кон предизвиците со кои се соочуваат царинските управи од Западен Балкан, a со цел да се спроведат активностите од Повеќегодишниот акционен план што предвидува отстранување на нетарифни бариери, поедноставување и модернизација на царинските процедури, намалување на формалностите, ефикасна размена на податоци на регионално ниво, унапредување на програмите за меѓусебно признавање на документите и постапките на граница, вклучувајќи го и овластениот економски оператор.
Присутните за време на состанокот ја потврдија посветеноста на царинските служби за имплементација на Повеќегодишниот акциски план и подобрување на меѓусебната соработка во насока на создавање на Регионална економска област со заклучок дека ваквиот тип на состаноци ќе прерасне во традиција при што беше договорен термин за наредниот состанок на директорите на Царинските управи од Западен Балкан да се одржи во Мај 2018 година во Тирана.