Скопје, 8 јуни 2012 (МИА) – Четири илјади лица ќе бидат ангажирани во општините на јавни работи. Проектот ќе стартува летово, а ќе трае шест месеци. Од страна на општините ќе бидат ангажирани 2.000 лица, а исто толку ќе бидат ангажирани од Владата, која има обезбедно 1,5 милиони евра.

 

Проектот беше тема на денешниот состанок во ЗЕЛС на кој присуствуваа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министрите за труд и социјална политика и за локална самоуправа Спиро Ритовски и Невзат Бејта.

 

За претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје Коце Трајановски ова е добра иницијатива за ангажирање сезонски работници кои ќе работат на одржување на хигиената на улиците и на зеленилото што ќе придонесе кон поголема хигиена, подобар изглед на јавните површини, заштита на животната средина и подобри услови за граѓаните.

 

Проектот, додаде тој, има социјален аспект бидејќи ќе се вработат 4.000 лица.

 

Министерот за финансии Ставрески истакна дека привременото вработување на овие 4.000 лица во Македонија ќе биде од корист и на тие што ќе бидат ангажирани и за општините.

 

– Очекувам проектот да почне летово и да биде успешно реализиран, слично како во 2009 година кога почна економската криза кога реализиравме еден ваков проект. Сега во овие услови на новата должничка криза во Европа, Владата и општините им излегуваат во пресрет на невработените и ќе им помогнат привремено во одреден временски интервал да стекнат приходи, да обезбедат средства за себе и своите семејства, а и општините ќе имаат корист бидејќи ќе се реализираат јавни работи преку кои ќе се подобрат условите за живот, истакна министерот.

 

Тој потенцира дека лицата ќе бидат ангажирани најмалку 6 месеци, но ако економските состојби дозволат и ако има можност проектот ќе продолжи, бидејќи, како што додаде, на тој начин ќе помогнат на лица кои во суштина во сегашните економски услови потешко би можеле да најдат работа.

 

Лицата ќе бидат ангажирани преку јавен оглас. Предност ќе имаат лица кои подолг временски период се невработени, лица со пониски квалификации и лица со над 55 години, лица кои потешко можат да бидат ангажирани на пазарот од приватниот сектор. Ќе бидат со договор, а месечниот надомест ќе биде 7.000 денари.

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window