Вториот заменик извршен директор на Меѓународниот монетарен фонд Наојуки Шинохара по одобрувањето на новата кредитна линија за Македонија од страна на оваа меѓународна финансиска инститиуција, изјави дека земјата има солидни економски перформанси, вклучувајќи низок јавен долг и инфлација и флексибилен банкарски систем.
 
Според него, Владата спроведува умерена фискална политика, а во земјата има и фиксен девизен курс. Врз основа на тие параметри, како што вели, перспективите за задржување на макроекономската стабилност и враќање на посилниот економски раст се добри.
 
Бордот директори на Меѓународниот монетарен фонд синоќа ја одобри отворената кредитна линија за Македонија во износ од 480 милиони евра. Македонија е прва земја членка на ММФ што го користи овој нов инструмент наменет пред се за земји со здрави политики, а кои немаат потреба од финансирање, но се соочуваат со ризици што би можеле да доведат до таква потреба.
 
Кредитната линија е со времетраење од две години, во првата година ќе бидат достапни 400 милиони евра, со дополнителни 80 милиони евра во втората година. Таа дава сигурност на земјите дека доколку дојде до негативни случувања тие ќе имаат доволно средства кои ќе може да ги повлечат за да ја зачуваат стабилноста. Склучувањето на кредитната линија помага и во зајакнување на довербата и овозможува полесен пристап до средства на пазарите на капитал. Покрај сигурноста, користа од оваа кредитна линија е и испраќањето сигнал до инвеститорите дека ММФ верува во квалитетот на економските политики и тоа може да помогне во процесот на емитување еврообврзница, односно да ја спушти нејзината цена.
 
Средствата се наменети како резервна варијатна кога земјата би имала потреба, а не може на друг начин да обезбеди финансирање. Средствата кога би се повлекле би се користеле за сите буџетски потреби.