Се повикуваат граѓаните на Република Македонија, почнувајќи од 18 август да поднесат барање за отпишување на долговите настанати до 31.12.2013 година

Се повикуваат граѓаните на Република Македонија, почнувајќи од 18 август да поднесат барање за отпишување на долговите настанати до 31.12.2013 година , за:

  • кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити – кон деловните банки и штедилниците;
  • електрична енергија кон ЕВН;
  • топлинска енергија кон Топлификација;
  • радиодифузна такса кон МРТВ.

Долговите кои се отпишуваат треба да бидат неплатени подолго од 12 месеци и да е започната постапка за наплата.

Отпишување на долговите можете да побарате ако сте:

  • корисник на социјална парична помош или
  • корисник на постојана парична помош или
  • невработен подолго од 12 месеци, а доколку сте во брак и Вашиот брачен другар да е невработен, и притоа:  
    • сте пријавени во Агенција за вработување на РМ и активно барате работа,  
    • заедно со брачниот другар не сте оствариле приходи поголеми од 105.600 денари во 2013 година и  
    • не поседувате друг имот освен оној во кој живеете, или  
    • лице кое западнало во финансиски тешкотии поради сопствен инвалидитет или тешка болест, или поради инвалидитет или болест на брачниот другар или смрт на брачниот другар и не сте можеле да ги плаќате долговите. Како тешка болест во оваа категорија се подразбираат малигни и церебрално васкуларни заболувања. Услов е:  
      • – инвалидитетот, болеста или смртта да настанала во периодот од 1 јануари 2009 година до 31 декември 2013 година,
      • – во 2013 година заедно со брачниот другар не сте оствариле приходи поголеми од 105.600 денари и  
      • – заедно со брачниот другар не поседувате друг имот освен оној во кој живеете.

Ако сте лице од некоја од наведените категории, почнувајќи од 18-ти август одете во Центарот за социјална работа во местото кадешто живеете и поднесете барање за отпис на долговите.

Со Вас задолжително треба да ги имате следните документи:

  • копија од Вашата лична карта, а ако сте во брак и од личната карта на брачниот другар;
  • извод од матична книга на венчани и
  • писмена согласност од Вас и од Вашиот брачен другар (доколку сте во брак) за обезбедување податоци за вашиот статус и долг од надлежните институции и доверителите. Образецот за писмената согласност ќе ви биде даден во Центарот за социјална работа.

Исто така, зависно од причината поради која барате отпис на долговите, треба да ги имате и овие документи:

  • ако сте лице кое поради смрт на брачниот другар не може да ги плаќа долговите, задолжително доставете извод од матична книга на умрени за брачниот другар;
  • ако сте лице со потешко заболување или потешка болест на брачниот другар, задолжително доставете медицинска документација од која може да се утврди дијагнозата и датумот кога е дијагностицирана болеста;
  • ако Вашиот долг е за искористена електрична или топлинска енергија, задолжително доставете копија од последната фактура/сметка за електрична или топлинска енергија.

Искористете ја можноста за еднократен отпис на Вашите долгови.

ВЛАДА НА РЕПУБЛКА МАКЕДОНИЈА  

Comments are closed.