Скопје, 1 јули 2014 (МИА)- Македонија е земја со најниски трошоци за правење бизнис во Европа, има најнизок даночен пакет, поволна и образована работна сила, прави голем дел реформи во намалување на процедурите за бизнисмените и создава добра бизнис клима.

Вака премиерот Никола Груевски ги повика јапонските потенцијални инвеститори добро да ги анализираат податоците и поволностите и да ја внесат Македонија во своите планови за ширење на капацитетите во Европа.

Според него сите овие поволности, резултираат во последно време со одлуки на голем број компании да отворат свои капацитети во Македонија или да ги прошират постоечките.

– Многу глобални компании дојдоа во Македонија и отворија нов бизнис, изградија капацитети и започнаа производство. Најголем дел дојдоа од САД, Велика Британија и Германија. Знам дека најголем дел од компаниите од Јапонија кои одат во Европа, одат во Германија или Велика Британија. Добра информација за вас е дека многу компании од Германија и Велика Британија доаѓаат во Македонија, па размислете за овој факт и посетете ја Македонија да се уверите во добрите услови за водење бизнис за кои зборувам, рече премиерот Груевски во своето обраќање на Бизнис форумот организиран со групацијата Фајненшл Тајмс на кој присуствуваа менаџери од над 60 компании, претежно од областа на автомобилската индустрија, роботиката, хемиската индустрија, енергетиката, како и претставници на инвестициски фондови.

За поволните макроекономски податоци како параметар за креирање на предвидливо бизнис окружување пред инвеститорите говореше вицепремеирот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој изрази и позитивни очекувања од презентацијата на поволностите.

– Имавме добра посетеност и очигледно од она што го слушнаа сметаат дека може да ја искористат Македонија како порта за европскиот пазар, да го пласираат својот бизнис во Македонија и оттаму да продаваат во Европа на пазар од 660 милиони потрошувачи, изјави Ставрески.

Јапонските бизнисмени позитивно ја оценија презентацијата на македонскиот владин тим, а некои од нив изјавија дека ќе ја посетат Република Македонија.

– Во август ќе предводам делегација од 10 бизнисмени во Македонија, ќе престојуваме една недела, и сакам да иницирам бизнис во Македонија, заинтересирани сме за медицинскиот туризам, изјави Јуро Нагакава, претседател на Јапонската бизнис асоцијација.

Присутните бизнисмени од Јапонија позитивно ги оценија и поволностите кои нашата земја ги овозможува за инвеститорите.

– Задоволен сум од она што го чув на презентацијата и после овој настан можам да кажам дека голем дел од присутните ќе се заинтересираат за Македонија. Данокот на добивка е 10 отсто и е многу компетитивен, а и Владата е фокусирана и поттикнува странски директни инвестиции, изјави Хидејуки Такемура од јапонската компанија „Фуџикура Ентерпрајз“. Економскиот дел од владината посета на земјите на азискиот исток продолжува со бизнис форум кој ќе се одржи во Сеул, главниот град на Република Кореја.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.