Скопје, 27 април 2012 (МИА) – Изминатите две децении на монетарна самостојност Народната банка на Република Македонија се соочи со многу предизвици кои успешно ги совлада. Воедно и дваесетгодишниот јубилеј се одбележува во една исклучително турбулентна епизода од развојот на глобалната економија, особено одбележана со настаните поврзани со должничката криза во еврозоната и повторно сме исправени пред предизвик.
Ова го истакна гувернерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов обраќајќи се на денешната конференција на тема „Предизвиците на земјите од Југоисточна Европа во постојните економски и финансиски турбуленции во еврозоната“ која е организирана по повод 20-годишниот јубилеј, а на која присуствуваат 40-тина гости, меѓу кои и гувернери од регионот.
Посочувајќи на двата брана криза од 2007 и 2010 година, Богов потенцира дека земјите од регионот релативно успешно се справуваат со кризата во евро зоната досега, но оти ризиците се уште се присутни, многу прашања се отворени, па оттука и будноста на креаторите на политиките мора да остане на високо ниво.
– Сепак, дури и ако соочувањето со почетоците на кризата во еврозоната беше побезболно не значи дека сите опасности се надминати. Прогнозите за 2012 година исто така, се во знакот на неизвесноста и потенцијалните негативни последици од настаните поврзани со кризата во еврозоната. Во услови на претежно неповолни очекувања за европската економија перспективите за раст на земјите од регионот се исто така неизвесни и придружени со надолни ризици со оглед на релативно високата трговска поврзаност со ЕУ, истакна гувернерот.
Тој потенцира дека кризата ги прошири видиците, наметна нови погледи во однос на осмислувањето на политиките и ја зголеми меѓусебната зависност во глобалната економија. – Земјите од ЈИЕ кои и онака имаа многу предизвици на патот кон ЕУ веројатно во иднина ќе се соочуваат со нови моменти, наментати од тековните концепциски промени во Унијата. Во секој случај, во земјите од ЈИЕ и натаму треба да продолжат заложбите за здрави макроекономски политики, што неизбежно треба да бидат придружени со структурни реформи што треба да овозможат поквалитетна структура и структурна флексибилност на економииите. Тоа е основниот предуслов не само за побрза интеграција кон ЕУ, туку и за здрав и одржлив развој на долг рок, рече гувернерот на Народната банка на Република Македонија отворајќи ја конференцијата.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески обраќајќи се пред присутните истакна дека изминатите 20 години монетарната политика на Народната банка имаше значаен придонес за одржување на макроекономската стабилност и значајна улога во развојот на македонската економија. Верува оти така ќе биде и во иднина.
– Кон макроекономската стабилност клучен придонес има и дисциплинираната фискална политика која во континуитет одржува ниско ниво на буџетски дефицити. Со тоа, фискалнта политика останува во функција на поддршка на монетарната стратегија на таргетирање на девизниот курс на денарот, која со успех се применува веќе подолг временски период. Ваквата посветеност упатува на солидна монетарно-фискална координација, во насока на остварување на целите на макроекономската политика, одржување ниско ниво на инфлација и обезбедување раст на економијата, истакна вицепремиерот.
Тој додаде дека макроекономската политика на Македонија соодветно се справи со предизвиците кои произлегоа од ударот на најголемата криза на глобалната економија во последните 80 години и оти во 2009 година кога земјите од ЕУ и ЈИЕ остварија реален пад на економската активност, Македонија беше земја со трет најмал пад на БДП од 0,9 проценти.
Посочувајќи на постигнатиот раст на БДП во 2010 и 2011 година, рече дека солидните резултати во кризните години се должат најмногу на спроведените реформи пред и во периодот на кризата. – Успешно надминувајќи ги предизвиците со кои со соочивме во текот на најголемата светска финансиска криза во изминатите 80 години, повторно сме исправени пред нови предизвици. Македонија, како повеќето земји од регионот на ЈИЕ, е силно економски поврзана со земјите членки од ЕУ и секој потрес во Европа силно се чувствува и кај нас, рече министерот Ставрески и додаде дека досегашното искуство од кризата покажа дека макроекономскиот менаџмент во услови на неизвесно глобално опкружување мора да покаже зголемена флексибилност и зајакната координираност.
– Веројатно ќе имаме уште предизвици на патот кон целосно нормализирање на економиите, поради што мора да останеме и натаму посветени на следење на состојбите и изнаоѓање решенија, притоа водејќи сметка за одржување на макроекономската стабилност како најдобар амбиент за одржлив раст на долг рок, рече министерот за финансии. Претставникот на Меѓународниот монетарен фонд Александер Тиман, говорејќи за предизвиците на Југоисточна Европа, рече дека главните ризици се кризата во Европа и цените на нафтата.
Учесниците на конференцијата во три панели дискутираат за Развојните стратегии на земјите од регионот во турбулентното глобално опкружување, за предизвиците во јавните финансии во ЕУ и земјите од регионот и за предизвиците поврзани со финансиската стабилност во ЕУ и земјите од регионот.