18 септември 2014, Скопје – Континуираното стручно усовршување на државната и јавната администрација е еден од условите за одржлив развој на економијата и унапредување на бизнис климата во Република Македонија, им порача денес на сметководителите, Ардијан Џељадини , заменик министер за финансии, на почетокот на третиот циклус на обуката за сертифицирање на сметководители во јавниот сектор.

– Поседувањето на стручни знаења при извршувањето на вашите секојдневни работни обврски придонесува кон обезбедување на транспарентност и контрола во трошењето на јавните финансии што е предуслов на фискалната стабилност – истакна тој.

Зголемувањето на ефикасноста и ефективноста на системот на управување со јавните финансии, според Џељадини, е постојан процес во земјите со развиена демократија и пазарна економија. Токму од овие причини започнувајќи од 2008 година, Министерството за финансии во соработка со Центарот за развој на финансиите од Љубљана и Овластениот Институт за јавни финансии и сметководство од Лондон ја реализира обуката за сертифицирање на сметководители во јавниот сектор, како дел од реформите на системот на управувањето со домашните парични средства и средствата на европските фондови.

– Со континуитетот во спроведувањето на обуката сакаме да воспоставиме одржлив систем на обука и сертификација на сметководителите во Република Македонија, како и квалификуван кадар за спроведување на системот за обука и сертификација. Досега 49 ваши колеги ги продлабочија своите теоретски и практични знаења и вештини од областа на финансиското сметководството, управувачкото сметководство, даноците, буџетското работење и трезорското работење, во согласност со меѓународните стандарди и најдобри практики – рече Џељадини.

Џељадини на крај укажа посебна благодарност до Светска банка која по втор пат финансиски ја поддржува обуката како и Централно Европската Иницијатива.

Comments are closed.