Постојат три начини за нацијата да стекне богатство: првиот е преку војна, како што направија Римјаните, ограбувајќи ги земјите кои ги поробија.

Постојат три начини за нацијата да стекне богатство: првиот е преку војна, како што направија Римјаните, ограбувајќи ги земјите кои ги поробија. Ова е кражба; вториот е преку трговија, што во основа е лажење; третиот е преку земјоделство, единствениот чесен начин, каде човек остварува реален приход од семето посадено во земјата…

Бенџамин Франклин

 

Патувајќи низ Македонија на средби со жителите во селските и градските средини, човек не може да се оттргне од сеќавањето на истите села од пред 30 и повеќе години: расположени земјоделци по нивите полни со трактори и комбајни, мирисот на свежо испечените погачи, новоизградени куќи полни со намештај и насмеани деца. Се разбира, сеќавањата на макотрпната селска работа се поизбледени, зашто човек сака да го памти она поубавото.

Селата денес се поинакви. Исто како што е поинаков и општиот стандард. Всушност, стандардот на населението во Македонија е тесно поврзан со состојбите во македонските села. Ова е карактеристично не само за луѓето кои живеат во селата, туку и за многу лица кои се вработени и живеат во градовите.

Тоа е и разбирливо за земја во која половина од населението живее во руралните подрачја. Според земјоделскиот попис спроведен во јуни 2007, инаку прв во последните 40 години, вкупниот број на индивидуални земјоделски стопанства изнесува 192.367. Земјоделството е сектор кој учествува со околу 12% во БДП, заедно со преработката достигнува околу 16%. Сепак, најзначајна димензија на земјоделството е неговото значење за руралниот развој, вработувањето и обезбедувањето на пристоен приход за стотици илјади луѓе.

Најголем дел од индивидуалните земјоделци имаат помалку од 3-4 хектари земјиште, расцепкано во мали раздвоени парцели. Колку за сопствени потреби, поретко и мал дел за продажба. Таквата структура претставува еден од клучните ограничувачки фактори, бидејќи овие парцели се помали од минимумот потребен за конкурентно производство. Во поново време, забележлива е тенденција на формирање на семејни комерцијални стопанства, кои главно произведуваат за пазарот. Ваквите земјоделци го сочинуваат јадрото на земјоделското производство во Европа, тренд кој веројатно ќе биде следен и во Македонија. Посебен потенцијал во оваа група имаат помладите, добро едуцирани производители. Оние кои мотиката во некоја фаза ја замениле со книга, но повторно потоа и се вратиле на мотиката, збогатени со многу повеќе знаење и идеи. Идеи кои некогаш изгледаат едноставно, како што е идејата на младото момче од едно село јагодите да не се продаваат како јагоди, туку како џем од јагоди. Таквите едноставни, но умни идеи, се обично и најдобри.

Македонското земјоделство денес се наоѓа во критична фаза: отварањето на пазарот на ЕУ и ЦЕФТА од една страна нуди големи можности за пласман на македонските производи; од друга страна тоа е изложено на изострена конкуренција од квалитетни и високо субсидирани увозни производи. Опстанувањето во острата битка за домашниот и странските пазари бара преземање на мерки за зголемување на продуктивноста и конкурентноста. Мерки кои ќе им помогнат на луѓето кај кои се споиле идеите, потта и капиталот.

Првиот и најважен чекор во таа насока е неодамна донесената "Национална стратегија за развој на земјоделството и рурален развој 2007-2013". Тоа е клучниот стратешки документ кој ја содржи визијата, стратегијата и планот за развој и преструктуирање на земјоделството. Сепак, поважна од подготовката е ефективната имплементација на оваа стратегија, што е од исклучително значење и за прогресот на Република Македонија кон ЕУ. Можностите за отварање на регионалните и европските пазари, како и претпристапната финансиска помош (тнр. ИПАРД инструмент) отвараат нови хоризонти. Но, за да се материјализираат овие можности, потребно е зајакнување на институционалниот капацитет, подобрување на стандардите за безбедност на храна и квалитетот на земјоделските практики.

Зголемувањето на конкурентноста несомнено бара драстично зголемување на износот на буџетска поддршка. До 2007, буџетските средства за земјоделството изнесуваа во просек 1,7% од вкупните јавни расходи, или само 0,6% од БДП, што е недозволиво ниско ниво на поддршка за сектор на кој отпаѓа 12% од БДП. За споредба, во Србија земјоделскиот буџет е повисок за 50% (0,9% од БДП), во Турција и Полска тој е 2%, а во Украина 1,9%. Долгогодишната агонија на земјоделците беше прекината во 2007 кога средствата за субвенции беа зголемени на 22 милиони евра, или 4 пати повеќе од 2006. Тенденцијата на зголемување на буџетските средства мора да продолжи во следните години. Тоа подразбира многу повеќе средства за добро таргетирани субвенции, но и за поволни земјоделски кредити, како што се ИФАД средствата кои ќе бидат одобрувани со камата од 6-7%. Тоа исто така подразбира поддршка на откупот на земјоделски производи и инвестиции во преработувачката индустрија.

Ефикасното користење на средствата бара да се прекине со праксата на дизајнирање на земјоделскиот буџет врз основа на историските алокации од претходните години. Тоа треба да се прави врз основа на утврдените приоритети и цели за идните години. Истовремено, распределбата на субвенциите треба да биде раководена од побарувачката на земјоделски производи, наместо од понудата како што беше случај досега.

Координираниот пристап кон развојот на земјоделството подразбира и значајни инвестиции во развојот на селата: подобрување на пристапните селски и регионални патишта, проширување на можностите за едукација на младите и зголемување на опсегот на советодавни услуги за земјоделците. Доколку ова се оствари, зголемените средства ќе имаат значаен позитивен ефект врз економскиот развој и намалувањето на сиромаштијата во руралните средини.

Погледнато во транзицискиот ретровизор, земјоделскиот сектор имаше значајна улога на абсорбер на работна сила во 1990-те,во периодот на опаѓање на индустриското производство и општ пад на приходите на многу луѓе кои останаа без работа или не добиваа редовно плата. Животот на село, во такви околности, беше добра алтернатива која барем обезбеди егзистенцијален минимум за тие луѓе.

Сепак, создавањето на модерен и конкурентен земјоделски сектор кој ќе произведе поголемо богатство подразбира коренити промени. Тоа пред се опфаќа зголемување на буџетската поддршка, развој на пазарот на земјоделско земјиште, поволни кредити, како и обука и едукација на земјоделците. Остварувањето на оваа цел бара и промена на структурата во насока на окрупнување, што подразбира диференцирани програми за земјоделска поддршка и социјална поддршка за комерцијалните и некомерцијалните земјоделски стопанства. Секако, со предност на момчето со идејата за џемот од јагоди. Тоа е човекот кој ќе ги врати смеата и богатството во нашите села.

Comments are closed.