Документот Програмата за економски реформи 2022 – 2024 може да го преземете на следната врска.

Како поддршка за подобрување на економското управување Европската Унија (ЕУ) во Стратегијата за проширување од октомври 2013 година воведе нов пристап наречен Поедноставен европски семестар, при што земјите од Западен Балкан и Турција од октомври 2014 година се поканети од Европската Комисија (ЕК) да ги подобрат економските политики и да го зајакнат економското управување, преку подготовка на програми на економски реформи – ПЕР.

Република Северна Македонија учествува во тој процес со кој се врши претпристапното усогласување на економските политики со Европската Унија и секоја година подготвува ПЕР која содржи макроекономски и фискални политики и индикатори, како и структурни реформи и мерки за подобрување на конкурентноста на земјата и намалување на невработеноста. Подготовката на ПЕР на ниво на Влада е координирана од страна на Министерството за финансии, а се доставува до ЕК по нејзино усвојување од страна на Владата на Република Северна Македонија, најдоцна до 31 јануари.

По доставување на ПЕР до ЕК, истата се оценува преку оценски мисии во земјата од страна на ЕК, Европската Централна Банка и Еуростат. Потоа започнува дијалог во рамките на Советот на ЕУ. Прво се одвива дискусија на техничко ниво во рамки на помошните тела на Советот како подготовка за дијалог во рамки на Советот на ЕУ претставен од таканареченото „трио“, односно тековното и двете последователни претседателства, со министрите за финансии и гувернерите на централните банки од земјите – кандидати за членство од Западен Балкан и Турција. Процесот завршува со донесување заеднички заклучоци врз основа на оценката на ПЕР и се даваат препораки за подобрување на макроекономската политика на земјата, управувањето со јавните финансии и квалитетот на структурните реформи (т.н. “Policy guidance” – „Насоки за политиките“). Земјите кандидати при подготовка на наредната ПЕР се должни да известат за степенот на спроведување на препораките во минатата година, а во насока на исполнување на првиот економски критериум за пристап во ЕУ – постоење на функционална пазарна економија.

Програмата за економски реформи 2022 – 2024 е усвоена од страна на Владата на Република Северна Македонија на 28 јануари 2022 година, а официјално е доставена до Европската Унија на 31 јануари 2022 година.

Самата подготовка на ПЕР како кохерентен стратешки документ и нејзиното навремено доставување до ЕК, претставува потврда за капацитетот на администрацијата на земјата, од аспект на координација на економските политики и ефикасност во работата. ПЕР е заеднички резултат на повеќе институции, а целокупната подготовка се координира од страна на Министерството за финансии.

ПЕР е комплексен документ кој се изработува согласно Водичот на Европската комисија за подготовка на ПЕР од јуни 2021 година и Водич за трошоците од март 2019 година. При избор на клучните секторски структурни реформи, институциите ги имаат предвид предизвиците и проблемите во соодветните области, кои влијаат врз зголемување на конкурентноста и економскиот раст на земјата, како и на создавањето на работни места. При подготовка на ПЕР 2022-2024 земени се предвид повеќе стратешки и други документи:

Структурни реформи по области во ПЕР 2022-2024

А) Реформи за справување со трите клучни предизвици:
1. Зајакнување на човечкиот капитал за инклузивен развој
Мерка 1: Понатамошен развој на системот на квалификации
Мерка 2: Зголемување на флексибилноста на пазарот на труд
Мерка 3: Зајакнување на системот за социјална вклученост на ранливи категории на лица
Мерка 4: Подобрување на квалитетот на примарната здравствена заштита (ПЗЗ)
2. Поттикнување зелена транзиција
Мерка 5: Промовирање на обновливи извори на енергија
Мерка 6: Подобрување на енергетската ефикасност
Мерка 7: Воспоставување на инфраструктура за собирање и третман на отпадни води во согласност со барањата на ЕУ
Mерка 8: Воспоставување на интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад
Мерка 9: Зголемување на конкурентноста на пазарот на електрична енергија
3. Подобрување на конкурентноста на домашните претпријатија, нивната интеграција во глобални вредносни синџири и формализација на економијата
Мерка 10: Имплементација на Интелигентен транспортен систем (ИТС) долж Коридорот 10
Мерка 11: Проширување на опсегот на дигитални услуги достапни на Националниот портал за е-услуги
Мерка 12: Рационализирање на употребата на парафискалните давачки
Мерка 13: Хибриден фонд за зелени и дигитални старт-ап и иновативни мали и средни претпријатија
Мерка 14: Финансиска поддршка на Роми претприемачи
Мерка 15: Воспоставување на менаџмент информациски систем за државна помош
Мерка 16: Воведување механизми за формализирање на неформалната работа во сектори со најголема веројатност дека постои непријавена работа
Мерка 17: Подобрување на соработката помеѓу академската заедница и индустријата
Мерка 18: Зајакнување на пазарните правила во Република Северна Македонија
Мерка 19: Модернизација на постбербени технологии и процеси во трговијата со македонските земјоделски производи
Б) Реформи за справување со други предизвици
 4. Подобрување на управувањето со јавните финансии
Мерка 20: Воспоставување на Интегриран Даночен Информациски Систем (ИДИС) во УЈП

Повеќе информации за Европскиот семестар и Економско управување од аспект на исполнување на Копенхагенските критериуми има на следниве веб страници:

https://ec.europa.eu/info/business-economy-euro/economic-and-fiscal-policy-coordination/eu-economic-governance-monitoring-prevention-correction/european-semester_en и https://ec.europa.eu/neighbourhood-enlargement/policy/policy-highlights/economic-governance_en

На страната на Министерството за финансии може да ги преземете сите досегашни програми на економски реформи и претпристапни економски програми

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window