10 септември 2019 година, Скопје – Училишта, градинки, локални патишта, фотоволтаични системи, филтер-станици за вода и подобрување на системите за наводнување се само дел од 135-те капитални проекти во вкупна вредност од 1,3 милијарди денари реализирани преку Проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП во руралните средини на 78 општини низ цела држава. Проектите се реализирани во рамки на ЕУ ИПА грант, а со поддршка на Светска банка.


 

Ова беше истакнато на завршниот настан ЕУ ИПА грант за рурална инфраструктура на кој присуствуваа премиерот Зоран Заев, министерката за финансии Нина Ангеловска, евроамбасадорот Самуел Жбогар, директорот на канцеларијата на Светска банка, Марко Мантованели, како и 78 градоначалници.


   „Инфраструктурниот развој на руралните средини е клучен за економскиот развој. Населените места Зрновци, Сопиште и Бардовци добија нови градинки, а со пренамена на општинските згради градинки добија и Куклиш и Муртино. Со овие инвестиции згрижуваме над 400 деца. Се изгради локалниот пат  Обедник -Смилево – манастир Св. Петар – Боиште, како и патот од село Сирково до село Росоман. Се подобри системот за водоснабдување во Гевгелија од чија изградба директен бенефит имаат 19 илјади жители.

Воедно се изгради фабрика за вода за пиење во село Трсино, Општина Виница. Ние како Влада и јас како премиер на Република Северна Македонија се грижиме за обезбедување еднакви услови за живот за сите граѓани. Затоа, задоволен сум што имаме реализација од 98 проценти на капиталните проекти предвидени во рамки на овој проект“, истакна премиерот Заев.

Министерката за финансии, Нина Ангеловска, пред градоначалниците потенцираше дека сака да има пат до секој дом, да нема испрекинати линии во водоснабдувањето, да има модерни училишта и никаде отпад. Таа изрази верување дека ова може да стане реалност за неколку години само со многу труд, работа и визија.

   „Недозволиво е родителот да се грижи дали неговото дете има училна во која ќе учи, дали таа е добро осветлена, дали неговото дете и самиот тој имаат чиста вода за пиење. Тоа се наши должности. Всушност, над 80% од развојот на нашите мозоци се случува на возраст до 5 години. На нас е да ги отстраниме предизвиците за родителите ако сакаме да градиме квалитетни идни генерации. Нашата задача е да го олесниме и подобриме животот на сите граѓани. Ние мора да обезбедиме рамномерен развој, бидејќи само така ќе можеме да зборуваме за напредок. Не можеме да зборуваме за модерна држава доколку немаме атмосферска канализација. Не смееме да дозволиме училиштето „Киро Глигоров“ да биде единственото современо училиште. Ни требаат бројни такви училишта.

Преку капиталните инвестиции, ние инвестираме во нашата лична изградба и иднина“, нагласи министерката.

Амбасадорот на ЕУ во Република Северна македонија, Самуел Жбогар, вели дека за период од 4 години ЕУ и помогна на Република Северна Македонија со робусен пакет од преку 15 милиони евра да направи промени за своите жители. Што е уште поважно, вели тој, промените се направени во руралните средини кои не секогаш го добиваат истото внимание. 
 

– Благодарение на новите патишта, жителите на Босилово, Дебар и Македонска Каменица сега можат да комуницираат полесно со блиските институции и болниците. Жителите од Чучер Сандево и Франгово имаат пристап до подобар канализационен систем, што има позитивно влијание како врз нивното здравје така и врз животната средина.  Децата на претшколска возраст од бардовци го минуваат своето време во реновирана градинка која се наоѓа веднаш до нивните домови, информира Жбогар.  

Директорот на Канцеларијата на Светска банка за Република Северна Македонија, Марко Мантованели, ја истакна успешната трилатерална соработка со Министерството за финансии и делегацијата на ЕУ во Скопје која, како што вели, резултира со успешна реализација на сите планирани активности во општините низ Република Северна Македонија.

„Преку проектите реализирани во рамки на МСИП повеќе од 23.350 граѓани од Република Северна Македонија добија пристап до квалитетна санитарна вода, а 524.500 граѓани добија квалитетна комунална услуга.  Проектот, исто така, придонесе за подобрување на 149,9 км локални патишта, а до март 2020 година се очекува да се достигне целта од 209 км подобрени локални патишта“, истакна тој.

Во однос на проектите реализирани преку ЕУ ИПА грантот за рурална инфраструктура Мантованели вели дека со реализација на оваа програма е обезбедена поддршка за подобрување на руралната инфраструктура, што е приоритет на сите општини.

– Како резултат на тоа, повеќе од 60 проценти од спроведените проекти беа наменети за патна инфраструктура, додека дел од инвестициите беа насочени кон обновување на јавните објекти со цел нивно подобрување, инвестиции во водоснабдување, санитарни услуги и атмосферска канализација, додаде тој.

 

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.