Вести|

23 октомври 2020, Скопје – Предлог-законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од кризата предизвикана од КОВИД-19 за исплата на платите за октомври, ноември и декември 2020 година, предложен од Министерството за финансии, вчера беше усвоен од страна на Владата и истиот ќе биде доставен на усвојување до Собранието. Работодавачите ќе можат да аплицираат за финансиска поддршка до 21.776 денари по вработен, до 7-ми во месецот за претходниот месец, а корисници можат да бидат фирмите што имаат пад на приходи во референтниот период од април до октомври 2020 година најмалку 30%, споредено со истиот период минатата година. 

Со оваа мерка ќе се поддржат работните места, платите на вработените, а воедно ќе се инјектираат околу 70 милиони евра во стопанството и ликвидносно ќе се поддржат компаниите. Претходната мерка даде резултати – беа инјектирани над 83 милиони евра во стопанството, заштитени над 120.000 работни места, како и стандардот, особено ако се земе предвид дека и покрај ковид-кризата просечната плата заклучно со август е повисока за 8,2% на годишно ниво.

Со новиот Предлог-закон мерката е уште потаргетирана, односно на потешко погодените фирми од кризата, предвидено е да им се исплаќа повисока финансиска поддршка. Имено, фирмите што имаат намален приход од 30% до 40%, ќе добијат финансиска поддршка до 14.500 денари по вработен; за намален приход од 40,01% до 50% предвидени се до 15.955 денари по вработен; за намален приход од 50,01% до 60% до 17.410 денари по вработен; за намален приход од 60,01% до 70%, до 18.865 денари по вработен; за намален приход од 70,01% до 80%, до 20.320 денари по вработен и за намален приход од над 80% износот на финансиската поддршка за исплата на плати ќе изнесува до 21.776 денари по вработен. Во однос на подоброто таргетирање, со Предлог-законот е утврдено дека не се опфатени фирмите што оствариле поголем профит од 10 милиони евра кумулативно во последните три години.

Како референтен период во законот се зема финансискиот резултат на фирмите од април до октомври, ноември и декември 2020 година и се споредува со истиот период лани. Во случај фирмата да е регистрирана по септември 2019 година, се зема датумот од запишување во Централен регистар.

Фирмите коишто аплицираат за мерката не можат да исплаќаат дивиденда и награда за деловна успешност или друг вид годишна награда до денот на исплата на платата за декември 2020 година.

Во однос на работниците, фирмите што аплицираат за финансиска поддршка можат да имаат најмногу 10% од вработените со месечна нето-плата од над 120.000 денари. Фирмите не можат да аплицираат за финансиска поддршка за плата за вработен кој во јуни, јули, август и септември остварил нето-плата повисока од 39.900 денари за секој месец одделно на полно или неполно работно време. Исто така, мерката нема да може да се користи за вработени за кои се користи мерката „Македонија вработува“, како и за вработени кои се ангажирани за дополнително работење.

Работодавачите што користат финансиска поддршка, нема да смета да го намалуваат бројот на вработени два месеца по завршувањето на месецот за кој е користена финансиската поддршка, заклучно со  февруари 2021 година, освен во случај на пензионирање, откажување на договорот за вработување од страна на работникот, спогодбено преземање на работникот,  откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски и слично.  

Во Предлог-законот се предвидени и заштитни механизми со цел платата да стигне во целост до работникот. Имено, во случај работодавачот да исплати помала плата на работникот од сумата што му е доделена, превидени се глоби до 10 илјади евра, во зависност од големината на правниот субјект.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.

Close Search Window