Вести|

23 октомври 2020, Скопје – Амандманската расправа за ребалансот на Буџетот со кој се обезбедуваат средства за реализација на четвртиот пакет антикризни мерки заврши вчера, посочи заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање на настанот по повод чествувањето на празникот 23 Октомври.

– Вчера до доцна во ноќта, Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно – правната комисија ја завршија амандманската расправа во однос на ребалансот на Буџетот. Мерките што ги предложи Владата, а кои се имплементирани во вториот ребаланс на Буџетот за 2020 година, се во насока на одржување на стандардот на населението во светло на економската криза што ја имаме во Европа и во целиот свет, а вклучително и во нашата држава, изјави Ковачевски.

Тој посочи дека мерките што ги носи Владата како поддршка за граѓаните и стопанството се навремени, како и дека Владата останува отворена за разговори со сите засегнати страни. Најави дека и во иднина сите мерки ќе се креираат низ дијалог.

– Во Владата секојдневно сме на располагање, и во текот на трите месеци што се пред нас до крајот на годината, но и во 2021 година која исто така ќе биде година што ќе почне погодена со вирусот. Постојано ќе работиме со нив и ќе ги адаптираме мерките онака како што најдобро можат да ѝ помогнат на секоја индустрија одделно, рече Ковачевски.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.

Close Search Window