Вести|

7 ноември 2020, Скопје – Законските измени за 22 мерки од вкупно 31 мерка од Четвртиот пакет, коишто се во надлежност на Министерството за финансии, се веќе донесени или пак се во собраниска процедура, или се изготвени и се ставени на јавна консултација на ЕНЕР. Ова го посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими на заедничката прес-конференција со директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска по повод усвојувањето на законите за финансиска поддршка на работодавците и самостојните вршители на дејност за исплата на плати, кои беа усвоени од страна на Собранието.

– Мерките од Четвртиот пакет што се во надлежност на Министерството за финансии, и кои беа овозможени со ребалансот на Буџтетот, може да се категоризираат во четири категории како: мерки за директна финансиска поддршка на фирмите, мерки за финансиска поддршка на граѓаните, даночни олеснувања и мерки во насока на системски решенија. Со овие средства ќе се даде поддршка на приватниот сектор и граѓаните за време на вториот ковид-бран, а понатаму ќе дадат поддршка во заздравувањето. Многу е важно да се истакне дека овие мерки се дизајнирани така што ќе дејствуваат позитивно и на страната на понудата и на страната на потрошувачката и на тој начин ќе ги амортизираат последиците од кризата – рече министерот Бесими.

Во рамки на мерките за финансиска поддршка на претпријатијата, министерот ги посочи финансиската поддршка на работодавците и самостојните вршители на дејност за исплата на плата во октомври, ноември и декември 2020 година за кои законите се веќе усвоени од страна на Собранието и веќе треба да почне нивната примена. Понтаму, новата линија бескаматни кредити со 30% грант компонента, за која Владата има информација, е дизајнирана и се очекува во текот на овој месец или на почетокот на следниот да пристигнат средствата и да се стават на располагање на фирмите. За државната гарантна шема, пак, како што посочи министерот, законот е веќе изработен и е ставен на ЕНЕР за коментари од јавноста, додека за новите 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка исто така е веќе усвоена информација од страна на Владата и почнати се преговорите со ЕИБ, а средствата се очекува да бидат достапни за македонските компании на почетокот на следната година.

Директорката на Управата за јавни приходи, Лукаревска, осврнувајќи се конкретно на мерката за финансиска поддршка на работодавците, истакна дека мерките коишто придонесуваат да се задржи на работата секој вработен се врвен приоритет на Владата, Министерството за финансии и на Управата за јавни приходи преку која истите се спроведуваат. Директорката се осврна на условите и начинот на користење на мерката којашто започнува со електронско поднесување на барањето  за финансиска поддршка за исплата на плати за работниците преку e-tax, по кое Управата за јавни приходи ќе одговори за комплетноста на барањето веднаш, односно најдоцна до 3 дена. Финансиската поддршка ќе се исплаќа до 15-ти во тековниот месец за претходниот месец.

Во рамки на мерките за финансиска поддршка на граѓаните, министерот за финансии Бесими посочи дека за мерката за финансиска поддршка од 6.000 денари на ранливите категории граѓани е веќе изработен законот и истиот е поминат на Влада, а се очекува дека граѓаните ќе можат да ги користат средствата веќе следниот месец. За мерката Викенд без ДДВ, министерот посочи дека истата е спроведена, а исплатите треба да започнат од следната недела.

Во рамки на мерките за даночни ослободувања и ослободувања од давачки коишто ги спроведува Министерството за финансии, влегуваат намалување на ДДВ од 18% на 5%, намалување на стапката на ДДВ за ресторански услуги и служење храна и пијалаци, можноста за плаќање по ДДВ пријава најдоцна 5 дена по поднесување на истата а не истиот ден. Сите овие мерки се регулирани со Предлог-законот за изменување на Законот за ДДВ, кој веќе е поминат на Влада и е во собраниска процедура,. Истите треба да стапат на сила од 1 јануари 2021 година, додека продолжувањето на рокот за плаќање на ДДВ стапува на сила по донесување на Законот

– Понатаму, во рамки на даночните олеснувања е и мерката за одложено плаќање на аконтациите за данок на добивка и данок на личен доход за самостојните вршители на дејност. Измените на овие закони се веќе поминати во Влада и се влезени во собраниска процедура и се очекува да бидат донесени во текот на овој месец. Со овие закони се регулирани и други мерки, како: зголемување на прагот со кој субјектите би биле дел од режимот на неоданочување со данок на добивка, ослободување од данок на добивка и данок на личен доход за трошоци за вработени кои се однесуваат на доквалификација, признавање на трошокот за дополнително приватно здравствено осигурување на вработените за целите на данокот на добивка и неоданочување со данокот на личен доход, признавање на расходите за тестирање од од КОВИД-19 како признаен расход и зголемување на периодот за покривање загуби на товар на идни добивки. Преполовена е и казнената камата за јавни давачки до март  2021 година – рече Бесими.

Во однос на мерките што носат системски решенија за финансиска оддржливост и дигитализација од страна на Министерството за финансии, Бесими ги посочи воведувањето  платформа за е-фактура, системско решение коешто ќе се спроведува во текот на 2021 година, но е важно од аспект на поддршка на дигиталните плаќања. Втора е промената на пресметката на основата за финансирање на Единиците на локалната самоуправа, со којашто при издвојување средства за единиците на локалната самоуправа наместо само за претходната година како досега, предвид ќе биде земена пресметката на просечната наплата на ДДВ за претходните три години.

Бесими истакна и дека со ребалансот се обезбедени 160 милиони евра за мерките што имаат директни буџетски импликации како што се финансиска поддршка за исплата на плата, финансиска поддршка за ранливи категории, поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје и вино, поддршка за дејноста Туристички водич, враќање на туристичка такса за 2019 година за остварени ноќевања, поврат за Викенд шопинг со МојДДВ, за Државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка, и за  грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.

Close Search Window