Вести|

11 ноември 2020, Скопје – Министерот за финансии, Фатмир Бесими на денешната прес-конференција го презентираше новиот предлог за Буџетот за 2021 година – Буџет за економска стабилност и забрзан раст, со долгорочна фискална консолидација за 2021-2025 година. Во продолжение е неговото обраќање:

Почитуван Претседател на Владата на Република Северна Македонија г.- Зоран Заев,

Почитувана јавност,

Оваа година се соочуваме со една од најголемите општествени и економски кризи во последното столетие. Светот денес брои црни статистики на заразени од Ковид-19 и луѓе коишто ја загубија битката со болеста. Економските статистики не се ништо посветли. Очекувањата на ММФ за глобалната економија за 2020 година е пад од -4,4%.

Она што е најспецифично и ја прави оваа криза од толку големи размери е – неизвесноста. Имено, на крајот на 2019 година се појави регионален здравствен проблем – кој во тоа време никој не очекуваше дека ќе прерасне во глобална здравствена криза. Здравствената криза почна брзо да се прелева и метастазира во економијата. Рестриктивните мерки – како што се карантините и затворањето на капацитетите, ја загушија глобалната активност. Глобалните синџири на добавување се нарушени. Проекциите за глобалната економија за 2020 година минатата година во ова време изнесуваа 3,4% раст, додека сега изнесуваат -4,4% пад, или за 7,8 процентни поени се пониски. Овој податок доволно говори за импактот и непредвидливоста пред сé на оваа криза.

Еден од најголемите американски претседатели, Џон Ф.Кенеди рекол: „Ништо не е поизвесно и понепроменливо од неизвесноста и промената“. Исто така, рекол: „Зборот криза на кинески се пишува со два симбола – едниот означува опасност, а другиот можност“. Оваа криза може да биде добра основа за да работите се постават на вистинска основа, да практикуваме паметни јавни финансии коишто ќе генерираат повисоки и одржливи стапки на раст.   

За да се одговори на овој предизвик потребен е пред сé долгорочен и сеопфатен план којшто ќе одговори на широк спектар сценарија. Имајќи го предвид ова, пристапивме кон планирање на најзначајниот документ што ги опфаќа сите политики и мерки коишто се спроведуваат – односно Буџетот, на нов, подолгорочен и посеопфатен начин.

Кога се подготвуваше Буџетот за 2021 година пристапивме согласно концептот на СМАРТ финансии. Планираме СТРАТЕШКИ, ПОДОЛГОРОЧНО и ОДГОВОРНО, воедно планираме тоа да биде ОДРЖЛИВО, РЕФОРМСКИ и ТРАНСПАРЕНТНО. Планиравме ПАМЕТНО. Се консултиравме со деловната заедница, со експерти, универзитетски професори, со делегацијата на ЕУ, Светска банка, ММФ, меѓународната заедница и останати општествени чинители. 

Со овој Буџет почнуваме нов концепт, одиме подалеку од фискалната година од 12 месеци и ја менуваме со 5-годишна рамка. Оваа среднорочна рамка го опфаќа растот, дефицитот, јавниот долг, како и капиталните проекти – кои вообичаено се реализираат во повеќе буџетски години и немањето  среднорочна рамка е една од причините за послаба реализација.

Со овој Буџет предвидуваме: 

  1. Стратегијата за заздравување на економијата и забрзан раст или SmartER Growth;
  2. Политики за буџетска консолидација од 2021 до 2025 година и
  3. План на јавни инвестиции 2021-2025 година.

 

1. Стратегија за заздравување на економијата и забрзан раст или SmartER Growth

Стратегијата за заздравување на економијата и забрзан раст е насочена, пред сé, кон заштита на здравјето на граѓаните, стопанството и работните места, понатаму кон забрзување на процесот на ревитализирање на економијата и зајакнување на конкуретноста и забрзување на растот по завршување на фазата на ревитализирање.

Иако сме соочени со голема неизвесност, како што спомнав, и во голем број европски земји започнува нов lockdown, што ќе влијае на синџирите на добавување и трговската размена, очекувањата се дека во 2021 и 2022 година ефектите од рестриктивните мерки ќе ослабнат. Со ова се очекува период на глобален раст од 4,4% и од 4,2 во 2021 и 2022 година, респективно.

Очекувањата за 2021 година за нашата економија се дека ќе се забележи раст од 4,1% во 2021 година, по што во 2022 година се очекува раст од 4,6%, во 2023 од 5,2%, во 2024 од 5,6% и во 2025 година од 5,9%. Проекцијата за 2025-2030 година е просечен раст на економијата од 5,75%.

Со цел да се поттикне ревитализацијата на економијата и да се поддржи нејзината стабилност, преку Стратегијата за економски заздравување и забрзан раст предвидени се следните компоненти:

  • економско заздравување од Ковид-19,
  • забрзан, инклузивен и одржлив раст,
  • зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и
  • развој на човечките ресурси и еднакви можности.

Економското заздравување од Ковид-19 ќе се спроведе преку мерки за заштита на здравјето на граѓаните и социјална заштита на најзагрозените категории, како и поддршка на економијата, на приватниот сектор и заштита на работните места.

По економското заздравување, предвидени се мерки и политики за забрзан, инклузивен и одржлив економски раст. Тие ќе бидат во насока на добро управување – односно владеење на правото, сузбивање на корупцијата и подигнување на капацитетот на институциите. Исто така, обезбедување  фискална одржливост, и макроекономска и финансиска стабилност. Воедно и обезбедување  локален и рамномерен регионален развој, одржлива и здрава животна средина и дигитализација на економијата и јавните услуги.

Истовремено ќе се работи и на зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, на зајакнување на трговските врски и интеграцијата во глобалните синџири. Понатаму, ќе се дејствува во насока на подобрување на деловното окружување и сузбивање на сивата економија, на подобрување на пристапот до финансии и адаптацијата на технологиите и модернизација на земјоделството.

Инвестициите во човечки капитал остануваат меѓу врвните приоритети и во Стратегијата за ревитализација и забрзан раст. Ќе се работи на  развој на еднакви можности, развој на човечките ресурси преку инвестиции во образование, наука и здравство, поттикнување поголема активност на работоспособното население и социјална заштита и социјално осигурување.

Со политиките и мерките коишто ќе се спроведат во рамки на Стратегијата за заздравување и забрзан раст или Попаметен раст – SmartERGrowth, ќе се придонесе кон реализација на целта за побрз и одржлив економски раст – двојно повисок во однос на просекот во изминатите десет години.

 

2. Политики за буџетска консолидација од 2021 до 2025 година

Втор апсект во однос на буџетските политики што ги преземаме се однесуваат на буџетската консолидација. Кризата годинава нé стави и нас како економија, но и сите земји во светот, пред големи предизвици. Кај сите светски економии има проширување на буџетските дефицити со цел финансирање нa антикризните мерки, но и како резултат на пад на буџетските приходи. За да се одржи стабилност потребно е веќе од следната буџетска година да се преземат мерки за фискална консолидација, што е направено со Предлог-буџетот за 2021 година. Исто така, направена е и среднорочна рамка којашто предвидува намалување на буџетскиот дефицит во следните 5 години.

Вкупните приходи и расходи се проектирани на реално ниво во Предлог-буџетот за 2021 година, со тоа што буџетските приходи се проектирани на 212,6 милијарди денари или за 8,3% повеќе во однос на вториот ребаланс на Буџетот за 2020 година. Расходите за 2021 година се проектирани на ниво од 247,5 милијарди денари или за 2,1% пониско ниво од расходите предвидени со вториот ребаланс на Буџетот за 2020 година. Буџетскиот дефицит е проектиран на ниво од 34,8 милијарди денари или 4,9% од БДП. Ова е за 3,6 процентни поени помалку во однос на проектираниот буџетскиот дефицит за 2020 година.

Фискалната консолидација, односно намалувањето на разликата помеѓу расходите и приходите во Буџетот, е неопходна за да се постават здрави основи за стабилна економија и раст. Оттаму, предвидовме политики со коишто во следните пет години истиот постепено ќе се намалува – односно во 2022 година е проектиран на – 3,8%, во 2023 година на -3,2%, во 2024 на -2,8% и 2025 година на -2,1%. Со ова на среден рок ќе се стабилизира и јавниот долг, односно проекцијата е дека до 2025 година тој ќе се намали на 58,8% од БДП..

Како ќе ја постигнеме фискалната консолидација? Преку:

а. Подобрување на наплатата на буџетските приходи,

б. Намалување и преструктурирање на буџетските расходи и

в. Промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит.

 

а. Подобрувањето на наплатата на буџетските приходи ќе се спроведе преку:

  • мерки за намалување на сивата економија,
  • мерки за спречување и сузбивање на корупцијата,
  • зајакнати инспекциски контроли од страна на Управата за јавни приходи,
  • мерки за наплата на даночниот долг од страна на поединци и трговски друштва,
  • стратегија за даночна политика којашто ќе ја зголеми ефикасноста и ефективноста на даночниот систем.

б. Намалувањето и реструктурирањето на буџетските расходи ќе се спроведе преку:

  • кратење на неприоритетните и несуштинските трошоци,
  • поголема поддршка на приватниот сектор, иновациите и зајакнувањето на конкурентноста, како што е основањето на Гарантниот фонд и Фондот за мобилизација на приватен капитал (на пр., Еквити  фонд),
  • рационализација и ревидирање на трансферите и субвенциите (социјалните, секторските и локалната власт),
  • зголемување на ефикасноста на реализација на капиталните расходи и
  • анализа на буџетската раскодна структура со цел рационализација и насочување на расходите таму каде што се најпотребни и даваат најголема корист од јавен интерес.

 

б1.Kaj кратењето на неприоритетните трошоци се подрзабира пред сè, патни и дневни расходи, трошоци за репрезентација и договорни услуги.

Во наредниот среднорочен период ќе се фокусираме и на намалување на тековните расходи, така што ќе се направи разионализација на истите. Како мерки за рационализација на расходите во јавната администрација ќе ги наведам:

  • лимитирање на вкупните буџетски трошоци наменети за плати,
  • воведување ограничување за највисоката плата во јавниот сектор,
  • оптимизација и зголемување на ефикасноста на јавната администрација,
  • оптимизирање и реорганизација на јавниот сектор,
  • дигитализација на добар дел од јавните услуги,
  • воведување критериуми и стандарди за користење на канцеларискиот простор од страна на буџетските корисници,
  • вредносни лимити при набавката на мебел
  • вредносни лимити за набавка на службени возила, вклучително и максимална цена за набавка на службено возило, вклучително и пооправдани економски модели на набавка на возила (на пр., оперативен лизиинг) и
  • службени авионски патувања во економската класа.

Истовремено, овие средства ќе се насочат кон поддршка на стопанството, кон подобрување на иновативноста и конкуретноста, како и надградување на човечкиот капитал.

б2.

Ќе работиме и на подобрување на реализацијата на капиталните расходи со мерки на кус и на среден рок, преку: 

  • воспоставување механизам за „казнување и наградување“ на буџетските корисници преку прераспределба на буџетските средства во текот на буџетската година , на квартално ниво – од оние со слаба кон оние со поголема реализација на капиталните расходи (КАПЕФ, со таргети 15%, 40%, 65% и 100% реализација на капталните расходи соодветно во првиот, вториот, третиот и четвртиот квартал, одоносно доколку во текот на кварталот реализираат помалку од таргетот ќе им се одземаат средствата од ставката за инвестиции и ќе се ралоцираат во резерви за инвестиции, при што квартал со подобра реализација може да значи и враќање на средствата, или истите со Одлука за прераспределба на средства, во Собрание, ќе се пренасочат кај друг проект или буџетски корисник),
  • усвојување методологија за оценка на ефектите од инвестициските проекти врз економскиот раст,
  • основање одделение за следење на јавните инвестиции во Министерството за финансии,
  • национален Совет за инвестиции со кој ќе прeтседава претседателот на Владата, а ќе учествуваат ресорните министри,
  • методологија за оценка на реализацијата на капиталните инвестиции преку Smart Key Performance Indicators,
  • довршување и забрзана реализација на крупни инфраструктурни проекти и
  • значително кратење и лимитирање на капиталните расходи за купување мебел и возила.

б3.

Кон фискалната консолидација ќе дејствуваме и преку промена на начинот за финансирање на буџетскиот дефицит. Планирано е намалување на задолжувањата и поголема диверзификација на изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, така што:

  • јавниот долг ќе се управува и репрограмира кон пониски трошоци (со можност за идавање  долгорочна развојна обврзница – ковид обврзница со нулта каматна стапка),
  • ќе се приватизира дел од државниот капитал: дел од акционерските друштва во доминантна или делумна државна сопственост, приватизација на претпријатијата со најголеми загубари, и приватизација на дел од земјиштето во државна сопственост (земјоделско и градежно земјиште) и
  • ќе се мобилизира приватен капитал во политиките за развој – ќе се финансира реализација на одредени проекти преку јавни-приватни партнерства, како и Фондови за стратешки инвестиции и развој и Фонд на фондови за поддршка на конкуретноста, односно на Фондот за иновации и технолочки развој, Развојната банка на Република Северна Македонија и Агенцијата за инвестиции.

 

3. План на јавни инвестиции 2021-2025

Во среднорочната рамка на Предлог-буџетот за 2021 година, презентиран е Планот за јавни инвесиции 2021-2025 и истиот ќе се следи и координира на највисоко во Владата, односно ќе се основа посебен Национален совет за инвестиции предводена од страна на претседателот на Владата. Тоа ќе биде во насока на обезбедување одржлив и инклузивен раст, согласно приоритетите од Програмата на Владата на Република Северна Македонија, во периодот од 2021 до 2025 година, и ќе се фокусира во координација на имплементацијата на капиталните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството и заштитата на животната средина. Поточно, во периодот од 2021 до 2025 година се планираат капитални проекти во вкупен износ од 3,1 милијарда евра, од кои со буџетски средства би се финансирале 1,16 милијарди евра, од донации (преку ИПА фондови) 112,8 милиони евра, а со средства од меѓународни финансиски институции/билатерални кредитори капиталните инвестиции би се финансирале со износ од1,84 милијари евра.

Почитувани,

Предог-буџетот за 2021 година е буџет за ревитализација на економијата и враќање на патеката на економски раст – раст кој треба да биде двојно поголем во однос на изминатата деценија, или во просек 5% од БДП. Со овој Буџет поставуваме основи за градење на еден добар систем којшто ќе гледа долгорочно, ќе има поголеми капацитети за антиципирање и планирање на политките и соодветно ќе одговори на различни ситуации и воедно создава здрави основи за поголема предвидливост. Новиот систем на финансии, СМАРТ финансии, е ориентиран кон стратешко планирање и мерење на резултатите. Ваквите системи се проактивни и даваат резултати.

На крај, да потсетам уште еднаш, се наоѓаме во екот на најголемата светска економска криза од последниот век, период на голема непредвидливост, со голема веројатност дека во текот на наредната година ќе имаме потреба на ребаланс, но ова е време на тешки одлуки, важни за нашата иднина. Ние решивме тоа да бидат одлуки за справување со пандемијата, со ефектите од истата врз економијата, а воедно и да работиме на реформи и да инвестираме во побрз раст и подобра иднина за сите граѓани.

Благодарам 

Comments are closed.