Вести|

14 ноември 2020, Скопје – Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ го потврди рејтингот на земјава на „ББ+“ со негативен изглед. Потврдата на рејтингот од една страна се должи  на спроведувањето добри политики на владеење, развој на човечкиот капитал, индикаторите за поволна бизнис-клима, кохерентноста на макроекономската и фискалната политика, како и на процесот на евроинтеграциите, а од друга страна се негативните ефекти на ковид-кризата врз економијата.

Агенцијата за кредитен рејтинг проектира пад на македонската економија во 2020 година за 5% и опоравување на истата во 2021 и 2022 година со раст од 3,9% и 4,5%, респективно. Очекувањата се дека во следниот период ќе се зголемат инвестициите и ќе зајакне приватната потрошувачка. Од „Фич“ наведуваат дека текот на опоравувањето ќе биде зависен од текот на здравствената криза, односно дали во земјата ќе има нови мерки коишто ќе влијаат врз затворање на капацитетите, но и каква ќе биде надворешната побарувачка со оглед на економскиот модел на македонската економија базиран на извозот од странските директни инвестиции во земјава.

Очекувањата на агенцијата за кредитен рејтинг во врска со буџетскиот дефицит за 2020 година се дека истиот ќе изнесува 8,3% од бруто-домашниот производ, што е малку пониско од владината проекција којашто изнесува 8,5% од БДП. Тие наведуваат дека продлабочувањето на фискалниот дефицит се должи на дополнителниот четврт пакет на антикризни мерки, којшто предвидува фискална поддршка на работодавците за исплата на плати во четвртиот квартал од 2020 година, социјални трансфери и таргетирани даночни олеснувања. „Фич“ проектира дека буџетскиот дефицит ќе се намали догодина, и тоа на 4,7%, и дека ќе продолжи да се намалува на среден рок. Државниот долг до крајот на годината се претпоставува да достигне 50,9%, додека негова стабилизација се очекува во 2021 и 2022 година на 53% од БДП.

Од агенцијата посочуваат дека Предлог-буџетот за 2021 година содржи мерки коишто се фокусирани на најтешко погодените сектори, вклучително мерки за вработените, за даночни олеснувања. Исто така, истакнуваат дека за првпат се претставува повеќегодишен буџет.

Оваа вест е достапна и на: Albanian

Comments are closed.

Close Search Window