Вести|

19 ноември 2020, Скопје – Удвојување на растот, од просечната стапка од 2-2,5% во изминатите 10 години на просечна стапка од 4-5% во наредниот период, може да се постигне преку спроведување на четирите столба на политики – заздравување од ковид-кризата, политики за забрзување на растот, политики за зголемување на конкуретноста на економијата и политики за инвестирање во човечки капитал. Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими на гостувањето во емисијата „Економски магазин“ на Алсат-М.

– Инсистиравме овој Буџет за првпат да има петгодишно предвидување, бидејќи кога зборуваме за политики, за структурни измени, и кога зборуваме за тоа што е есенцијално за зголемување на стандардот на граѓаните, несомнено е потребно предвидување од неколку години. Буџетот за 2021 година, на првите страници ги има приоритетите, но содржи и петгодишна рамка. Тоа се: фискална консолидација во текот на пет години, потоа стратегијата за економска обнова, но и забрзување на економскиот раст, како и план за јавни инвестиции од 2021 до 2025 г. Сите овие треба да ја дадат приказната, и аргументите и траекторијата како ние ќе го реализираме ова забрзување на економскиот развој, ако во последните 10 години сме имале 2,5% просечен годишен раст, да стигнеме до 4-5% на просечно зголемување во периодот којшто следи – вели Бесими.

Политиките што ќе доведат дотаму може да се категоризираат во четири столба, наведува министерот за финансии. 

– Првиот е да го менаџираме ковид-ефектот: здравствениот аспект, заштита на економијата и зачувување на работните места. Втората категорија, како втор столб, е забрзувањето на економскиот развој, што се однесува на сите инвестиции во инфраструктурата, дигитализацијата, справувањето со сивата економија и сите други аспекти што се вклучени тука. Третата категорија е зголемувањето на конкурентноста на економијата. Тука се подразбираат сите политики коишто поддржуваат инвестиции, разни иновации, зголемување на конкурентноста и извозна ориентираност на компаниите, но и зголемување на инвестициите, освојување нови пазари и носење нови технологии. И четвртиот столб е инвестирање во човечки капитал, што подразбира, квалитетно образование коешто ќе биде согласно побарувачката на пазарот и одржливо здравство – рече Бесими.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.

Close Search Window