Интервјуа|

20 ноември 2020, Скопје – Структурата на Буџетот не е нешто што може да се смени за една фискална година. Но со Буџетот за 2021 година се поставуваат основи за крупни промени. За првпат имаме Буџет кој гледа подолгорочно од фискалната година, односно подолго од 12 месеци. Со Буџетот за 2021 година економскиот раст, буџетскиот дефицит, како и стратешките повеќегодишни капитални проекти се испланирани за следните 5 години. Со подолгорочното и подобро проектирање очекуваме подобра реализација на проекциите. Всушност, потфрлањето во реализацијата на капиталните проекти во голема мера е условено од планирањето година за година, бидејќи ова се повеќегодишни проекти.

Гне Бесими, Буџетот за следната година предвидува намалување на јавните расходи за 2,1% отколку годинава, во услови на зголемување на приходите за 8,3%, но значително стеснување на дефицитот преку помало нетозадолжување. Колку овој Буџет е соодветен за 2021 година, за кога сè уште постои голем ризик да се прелее економската криза, особено во првата половина од годината, создавајќи потреба од нови стимулативни мерки, и од друга страна, колку ваквиот Буџет може да го поттикне економското заздравување во втората половина од годината?

„Здравје“ е клучниот збор за Предлог–буџетот за 2021 година. Кога истиот е креиран, приоритет ни беше здравјето на граѓаните, потоа заздравувањето на економијата и здрав систем на јавни финансии и функционален општествен систем воопшто. Сите овие работи се меѓусебно поврзани.

Прво и најбитно нешто се нашите граѓани и нивното здравје. Оттаму, за секторот здравство годинава има издвоено 664 милиони евра со кои ќе се покријат јавните здравствени услуги, здравствените материјали и опрема, но и капитални инвестиции во тој сектор. Исто така, за социјална заштита се издвоени 1,47 милијарди евра за поддршка на ранливите категории граѓани, активни мерки за вработување и други мерки за обезбедување пристоен живот за сите граѓани.

Понатаму, за секторот економија издвоивме 1,141 милијарда евра. Ќе ги поддржиме инвестициските активности на домашните претпријатија, привлекување странски директни инвестиции, инвестирање во развојните зони, малите и средни претпријатија, подобрување на конкурентноста, поддршка на домашниот туризам итн.

Во насока на обезбедување на стабилноста во јавните финансии со Буџетот за 2021 година се пристапи кон фискална консолидација – односно постепено намалување на јазот помеѓу приходите и расходите. За следната година проектираме буџетски дефицит од 4,9% од БДП или за 3,6 процентни поени помалку во однос на проектираниот буџетскиот дефицит за 2020 година. На среден рок се планира да продолжи буџетската консолидација, односно до 2025 година да се сведе на 2,1%. Со ова на среден рок ќе се стабилизира и јавниот долг на ниво под Мастришкиот критериум (58,8% од БДП во 2025 година).

Оттука, на Вашето прашање дали овој Буџет е соодветен за претстојната година, која носи значајна доза на неизвесност, одговорот е – да. Дејствуваме стратешки на повеќе полиња, а истовремено имаме обезбедено и бафери во П1 програмата на Владата за нови мерки. Подготвени сме на различни сценарија и иако годината што доаѓа со себе носи предизвици, не очекуваме да има ревидирање на државната каса до крајот на првото полугодие од 2021 година.

Најавувате редизајнирање на буџетската политика, но капиталните расходи иако зголемени за 20% во однос на годинава, сепак во вкупниот Буџет се само десетина отсто, додека останатите 90% од парите се трошат тековно. Како ќе ја редизајнирате фискалната политика?

Структурата на Буџетот не е нешто што може да се смени за една фискална година. Но со Буџетот за 2021 година се поставуваат основи за крупни промени. Прво, за првпат имаме Буџет кој гледа подолгорочно од фискалната година, односно подолго од 12 месеци. Со Буџетот за 2021 година економскиот раст, буџетскиот дефицит, како и стратешките повеќегодишни капитални проекти се испланирани за следните 5 години. Со подолгорочното и подобро проектирање очекуваме подобра реализација на проекциите. Всушност, потфрлањето во реализацијата на капиталните проекти во голема мера е условено од планирањето година за година, бидејќи ова се повеќегодишни проекти.

Откако дојдов во Министерството за финансии зборувам за концептот на СМАРТ финансии – концепт базиран на јасна стратегија, одржливост, одговорност, ориентираност кон реформи и транспарентност. Тој концепт го применивме и при проектирање на Буџетот за 2021 година.

Буџетот за 2021 година има три главни приоритети – здравјето и животот на граѓаните, економско заздравување и забрзан раст и структурни реформи насочени кон владеење на правото и евроатланските интеграции. Овие приоритети ќе се постигнат преку Стратегијата за заздравување на економијата и забрзан раст или SmartER Growth, Политикитe за буџетска консолидација 2021-2025 година и Планот за јавни инвестиции 2021-2025 година. Имаме јасни цели и сеопфатни планови како да се постигнат истите. Со стратегијата со која пристапуваме на работите, градиме основа за забрзан и пред сè одржлив раст со стапки помеѓу 4-5% на среден рок, наместо просекот од изминатите 10 години од околу 2-2,5% раст.

Политиките преку кои ќе го реализираме ова можат да се систематизираат во четири столба. Првиот е менаџирање на ефектот од пандемијата на ковид-19, од здравствен аспект и од аспект на заштита на економијата и зачувување на работните места. Вториот столб е забрзување на економскиот развој преку поттикнување на инвестициите, инвестиции во инфраструктурата, дигитализација и намалување на сивата економија. Третиот столб е зголемување на конкурентноста на економијата, и тука спаѓаат сите политики што поддржуваат инвестиции, разни иновации, зголемување на конкурентноста, поддршка на извозот, освојување нови пазари, нови технологии. Четвртиот столб се однесува на инвестиции во човечкиот капитал, што подразбира квалитетно образование кое ќе биде согласно побарувачката на пазарот, како и одржливо здравство.

Слабата реализација на капиталните инвестиции е долгогодишен проблем. На што се должи тоа и колку новите механизми за следење на реализацијата на јавните инвестиции ќе го подобрат остварувањето на планот следната година?

Крупните капитални проекти се повеќегодишни проекти. Планирањето година за година беше еден од проблемите којшто го решаваме со овој Буџет. Понатаму, предвидовме мерки со кои ќе се „поттурнат“ институциите да имаат подобар перформанс. Предвидовме воспоставување механизам за „казнување и наградување“ на буџетските корисници преку прераспределба на буџетските средства во текот на буџетската година – од оние со слаба кон оние со поголема реализација на капиталните расходи. Исто така, преку концептот на СМАРТ финансии ќе се оценува реализацијата на капиталните инвестиции, а ќе се форсира и довршување и забрзана реализација на крупни инфраструктурни проекти.

Исто така, идејата не е само да се стави број на капитални расходи на хартија, туку и да се види и нивниот квалитет, односно нивното влијание врз економијата и растот. Затоа предвидуваме усвојување методологија за оцена на ефектите од инвестициските проекти врз економскиот раст, како и значително кратење и лимитирање на капиталните расходи за купување мебел и возила.

Предвидено е формирање единица за следење на капиталните инвестиции во Министерството за финансии како и Национален совет за следење на јавните инвестиции со кој ќе претседава претседателот на Владата а во кој ќе учествуваат ресорните министри.

Кои се најважните капитални инвестиции што ќе ги финансирате догодина и коишто ги сметате за генератор на економското заздравување од страна на државата?

Од следната година започнува 5-годишен циклус на јавни инвестиции во износ од 3,1 милијарда евра. Тоа се проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, заштитата на животната средина. Сите овие стратешки проекти се повеќегодишни и најголем дел од нив се буџетирани со Буџетот за 2021 година и потоа финансирањето им тече во следните година. Во 2021 година само преку Буџетот е планирано да се издвојат 374 милиони евра за кaпитални расходи или за 20% повеќе во однос на 2020 година.

Ќе се осврнам на проектите што се дел од петгодишниот план за јавни инвестиции од 2021 до 2025 година, за да се стекне целосна слика за клучните проекти на кои ќе се посветиме во следниот период.

Во делот на патната инфраструктура, во следниот период предвидена е изградба на автопатска делница Скопје – Блаце, изградба на автопатска делница Кичево -Гостивар, подобрување на патната инфраструктура на општините преку Проектот за локални патишта, финансирање на патниот дел од Коридорот 8 преку делниците Куманово – Ранковце, Ранковце – Крива Паланка, Крива Паланка до границата со Бугарија, потоа финансирање на делницата Кичево – Охрид, Штип – Радовиш, проширување на автопатот Тетово – Гостивар, како и реализација на Програмата за национални патишта, Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан, како и Проектот воведување на брз автобуски превоз на територијата на Градот Скопје. Во периодот 2020-2025 година предвидена е изградба на патна делница Градско – клучка Дреново, како дел од патниот Коридор 10, рехабилитација на делницата Куманово – Страцин, нов експресен пат од Прилеп до мостот на реката Ленишка и изградба на трета лента на патната делница село Беловодица – каменолом Маврово.

Во делот на железничката инфраструктура, планирано е да започне Проектот за изградба на железничка пруга Кичево – граница со Албанија, потоа рехабилитација на делницата Куманово – Дељадровце, како и финансирање на трите фази од изградбата и рехабилитацијата на источниот дел од железничката пруга – Коридор 8 делот кон Бугарија.

Во областа на гасификацијата, предвидена е изградба на магистрални гасоводи делници Скопје – Тетово, Гостивар – Кичево и Свети Николе – Велес, изградба на интерконективен гасовод меѓу Северна Македонија и Косово, како и изградба на интерконективен гасовод меѓу Северна Македонија и Грција. Во енергетската инфраструктура, предвидено е финансирање на проектите што ги имплементираат АД ЕСМ и АД МЕПСО и тоа: Ветерен парк Богданци фаза 2, Топлификација на Битола, 400 kV интерконекција Македонија (Битола) – Албанија (Елбасан), Фотонапонска електрана Осломеј, Ветерен парк Миравци, Проект за чистење линдан (ОХИС), Фотонапонски електрани Осломеј 2 и Фотонапонски електрани Битола.

Како позначајни проекти планирани да се реализираат во овој период од областа на комуналната инфраструктура се првата и втората фаза на Проектот за водоснабдување и одведување отпадни води во општините. Како големи капитални проекти во областа на земјоделието се Програмата за наводнување на Северна Македонија и Проектот за модернизација на земјоделството.

Во областа на животната средина значаен капитален проект е изградбата на Пречистителна станица за отпадни води Скопје, како и станиците за цврст отпад во Југозападниот, Вардарскиот, Пелагонискиот Регион, Југоисточниот Регион и Скопскиот Регион.

Од областа на воспоставување инфраструктура за собирање и третман на отпадни води и воспоставување интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад што ги исполнува условите на ЕУ како позначајни капитални проекти што ќе се финансираат преку ИПА 2 во периодот 2020 – 2025 година се Рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во Град Скопје, Проект за изградба на пречистителна станица за отпадни води и рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во општина Тетово и општина Кичево, Проект за изградба на пречистителна станица за отпадни води и рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во Битола, Проект за затворање депонии во Источниот и Североисточниот Регион, изградба на централен објект за управување со отпад, изградба на фабрика за сортирање, МБТ погон, депонија, постројка за компостирање, зелена точка за Источниот и Североисточниот Регион во Свети Николе, изградба на шест локални објекти за управување со отпад – станици за трансфер, постројки за компостирање и зелени точки за источен и североисточен регион, поддршка при воспоставување регионален систем за управување со отпад – набавка на опрема за Источниот Регион, поддршка и подготовка на потребната документација за набавка на опрема за вода за општините Радовиш, Кичево, Струмица, Битола, Тетово, Берово, Куманово и Прилеп, подготовка на проектна документација за подобрување на инфраструктурата за собирање и третман на отпадни води и водоводна мрежа во општина Арачиново.

Во делот на здравството, капитални проекти се изградбата на Универзитетски клинички центар во Скопје, реконструкција и доградба на Регионалната клиничка болница во Штип, како и Проектот за итно справување со КОВИД-19.

Во делот на образованието, социјалната заштита и правосудство е предвидено да се финансираат следните проекти: изградба и реконструкција на основни и средни училишта, изградба на фискултурни сали во средните училишта, реконструкција на студентски домови, Проект за развој на вештини и иновации, реконструкција на јавни предучилишни установи и други проекти.

Деновиве стигнаа забелешки од Бугарија околу изградбата на Коридорот 8 како едно алиби повеќе за попречување на почетокот на евроинтеграциите на нашата земја. Каква е динамиката на изградбата на железницата од овој коридор, колку пари планирате за ова во новиот Буџет?

Со заем од ЕБОР се финансира рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридорот 8 – прва и втора фаза, и за ова се предвидени средства во следните три години. Исто така, преку Инструментот за Западен Балкан и ЕБОР се финансира изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце – Крива Паланка и за ова се предвидени средства во следните 5 години, а за работата на терен посоодветен соговорник би бил ресорниот министер за транспорт и врски.

Вашата прогноза за економскиот раст догодина е 4,1%. На што ја темелите оваа проекција? Колку ниската споредбена основа годинава односно рецесијата која според ММФ ќе достигне до 5,4%, од друга страна дава позитивни изгледи за 2021 година?

Проекциите за раст за 2021 година се 4,1%, за 2022 4,6%, во 2023 година раст од 5,2%, 2024 од 5,6% и во 2025 година од 5,9%.

Економското заздравување коешто се предвидува во 2021 година е под силно влијание на неизвесноста во врска со должината на пандемијата и може сериозно да биде погодено од неодамнешното повторно зголемување на бројот на новозаразени лица. Мерките на социјално оддалечување се очекува да продолжат, но со евентуално подобрување на ситуацијата постепено да се укинуваат во текот на 2021 година. Економскиот раст во земјата се очекува да премине во позитивната зона следната година, и тогаш се очекува закрепнување на инвестициите, на потрошувачката и на надворешната побарувачка. Ова е согласно основното сценарио – по кое се водат сите светски економии при проектирање на растот. Основното сценарио тргнува од претпоставката за слабеење на здравствената криза и етапно подобрување на епидемиолошката слика, повисока искористеност на производствените и услужните капацитети, поволни ефекти од економските мерки, како и зголемена доверба кај потрошувачите и инвеститорите.

Планираната фискална консолидација, редизајнирањето на буџетската политика и Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст (SmartER Growth) се цврста основа за забрзување на економскиот раст во наредниот период, враќање на економијата на преткризната патека на раст во втората половина на 2022 година и обезбедување побрза динамика на економски раст потоа. Согласно проекциите, во следниот петгодишен период се очекува економскиот раст да биде со просечна стапка од 5% додека во периодот од 2026 до 2030 година се предвидува стабилизирање на просечната стапка на економски раст на 5,75% годишно.

Песимистичкото сценарио е кризата да продолжи во текот на цела 2021 година, а заздравувањето да започне во 2022 година. Согласно ова сценарио растот би бил понизок во 2021 година, односно би го следел растот на нашите најголеми трговски партнери во Европа, кои согласно песимистичкото сценарио очекуваат растот да им се преполови или наместо стапки од околу 5%, да имаат стапки од околу 2 и пол проценти.

Според пресметките од Буџетот, планирано е задолжување од речиси 1,3 милијарди евра догодина, од кои половина за отплата на долгови што доспеваат а другиот дел за буџетскиот дефицит. Како планирате да ги обезбедите овие пари?

Проектираниот дефицит за 2021 година изнесува 34,9 милијарди денари. Средствата што треба да се вратат кон странските кредитори изнесуваат 37,2 милијарди денари, додека кон домашните 6,1 милијарда денари. Значи станува збор за 78,2 милијарди денари или околу 1,3 милијарди евра што ќе се финансираат преку позајмување од странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.

Домашното задолжување е предвидено на ниво од 23 милијарди денари, а ќе се обезбеди преку задолжување со ДХВ. Со задолжување на домашниот пазар ќе се обезбеди финансирање под поволни услови, користејќи ги поволните каматни стапки. Со цел оптимизација на исплатите, намалување на ризикот од рефинансирање, како и искористување на ниските каматни стапки, основна заложба на Министерството за финансии ќе биде оптимизација на портфолиото и зголемување на рочноста на издадените хартии од вредност.

Задолжувањето во странство може да се реализира преку издавање еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал и преку повлекување средства од поволни кредити од странски финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање одделни проекти. Притоа, изборот на извор за финансирање ќе се темели на поволните тековни состојби на меѓународните пазари на капитал.

Со цел прудентно управување со јавните финансии, Министерството за финансии ќе ја разгледа можноста за активно управување со должничкото портфолио преку операции на предвремен откуп на долг.

Согласно проекциите на Министерството за финансии, државниот долг на крајот на 2020 година ќе забележи благо намалување и ќе изнесува 51,2% од БДП, додека јавниот долг ќе изнесува 60,8% од БДП.

Колку се реални овие оптимистички прогнози за намалување на буџетскиот дефицит, на јавниот долг и за забрзување на растот во следните пет години, како ќе ги остварите?

Фискалната консолидација, односно намалувањето на разликата помеѓу расходите и приходите во Буџетот е неопходна за да се постават здрави основи за стабилна економија и раст. Имаме јасна стратегија и план и политики како да ја спроведеме фискалната децентрализација. Со реализација на истите очекуваме следната година буџетскиот дефицит да се сведе на 4,9% од БДП или за 3,6 процентни поени помалку во однос на проекцијата за годинава. Понатаму, во 2022 година истиот е проектиран на 3,8%, во 2023 година на 3,2%, во 2024 на 2,8% и во 2025 година на 2,1% од БДП.

Како ќе ја постигнеме фискалната консолидација? Преку три сета мерки – мерки за одобрување на наплатата на буџетските приходи, мерки за намалување и преструктурирање на буџетските расходи и мерки за промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит.

Подобрувањето на наплатата на буџетските приходи ќе се спроведе преку мерки за намалување на сивата економија, мерки за спречување и сузбивање на корупцијата, потоа зајакнати инспекциски контроли од страна на Управата за јавни приходи, мерки за наплата на даночниот долг од страна на поединци и трговски друштва и стратегија за даночна политика којашто ќе ја зголеми ефикасноста и ефективноста на даночниот систем.

Намалувањето и реструктурирањето на буџетските расходи ќе се спроведе преку кратење на неприоритетните и несуштинските трошоци, поголема поддршка на приватниот сектор, иновации и зајакнување на конкурентноста, како и преку Гарантниот фонд и фондот за мобилизација на приватен капитал, рационализација и ревидирање на трансферите и субвенциите (социјалните, секторските и локалната власт), зголемување на ефикасноста на реализација на капиталните расходи и анализа на буџетската структура.

Kaj кратење на неприоритетните трошоци подразбираме пред сè патни и дневни расходи, трошоци за репрезентација и договорни услуги. Во наредниот среднорочен период ќе се фокусираме и на намалување на тековните расходи, така што ќе се направи рационализација на истите преку стагнација или лимитирање на вкупните буџетски трошоци наменети за плати, воведување ограничување за највисоката плата во јавниот сектор, оптимизација и зголемување на ефикасноста на јавната администрација, оптимизирање и реорганизација на јавниот сектор, дигитализација на добар дел од јавните услуги, воведување критериуми за користење канцелариски простор од страна на буџетските корисници, вредносни лимити при набавката на мебел, вредносни лимити за набавка на службени возила, вклучително и максимална цена за набавка на службени возила и службени авионски патувања само во економска класа. Истовремено овие средства ќе се насочат кон поддршка на приватниот сектор, кон подобрување на иновативноста и конкурентноста.

Кон фискалната консолидација ќе дејствуваме и преку промена на начинот за финансирање на буџетскиот дефицит. Планирано е намалување на задолжувањата и поголема диверзификација на изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, така што јавниот долг ќе се управува и репрограмира кон пониски трошоци. Предвидена е приватизација на дел од државниот капитал, односно дел од акционерските друштва во доминантна или делумна државна сопственост, приватизација на претпријатијата најголеми загубари и приватизација на дел од земјиштето во државна сопственост. Исто така ќе се мобилизира приватен капитал во политиките за развој – ќе се финансира реализација на одредени проекти преку јавни – приватни партнерства, како и фондови за стратешки инвестиции и развој и фондови за поддршка на конкурентноста, односно на ФИТР и на Развојната банка на Република Северна Македонија.

Вториот бран на пандемијата остава сериозни последици во економијата, иако во земјава сè уште не е воведен локдаун. Какви се Вашите очекувања за следниот период, колку може оваа криза да се продлабочи и да има продолжено влијание и во 2021 година?

Како што реков, ние се водиме согласно основното сценарио по кое се водат и другите светски економии во нивните проекции. Основното сценарио е дека ситуацијата ќе се стабилизира од вториот квартал во 2021 година. Песимистичкото сценарио е дека здравствената криза ќе продолжи во текот на целата 2022 година, што би повлекло соодветни здравствени мерки, кои, пак, би влијаеле врз економската активност. Ние се подготвуваме за секој исход, имаме обезбедено бафери и ќе дејствуваме согласно развојот на ситуацијата. Ќе излеземе и со нови мерки согласно потребите, кои би ги амортизирале евентуалните нови удари.

Какви се очекувањата од четвртиот пакет антикризни мерки, коишто допрва почнуваат да се реализираат? Колку тие може да го ублажат економскиот удар од пандемијата? Која е гаранцијата дека ќе се реализираат сите мерки проценети на околу 470 милиони евра ако се знае дека реализацијата на трите пакети претходно е само третина од планираното?

Во четвртиот пакет-мерки Министерството за финансии има 22 од вкупно 31 мерка, така што можам детално да кажам за секоја од мерките во наша надлежност и со големо задоволство можам да кажам дека за сите тие мерки веќе се изготвени законски решенија или информации до Влада. Дел од нив веќе се реализираат, дел се во собраниска процедура, а дел се на јавни консултации.

Мерките од четвртиот пакет што се во надлежност на Министерството за финансии, и кои беа овозможени со ребалансот на Буџетот, може да се категоризираат во четири категории како: мерки за директна финансиска поддршка на фирмите, мерки за финансиска поддршка на граѓаните, мерки за даночни олеснувања и мерки во насока на системски решенија. Со овие средства ќе се даде поддршка на приватниот сектор и на граѓаните за време на вториот ковид–бран, а понатаму ќе дадат поддршка во заздравувањето. Овие мерки се дизајнирани на тој начин што ќе дејствуваат позитивно и на страната на понудата и на страната на потрошувачката и на тој начин ќе ги амортизираат последиците од кризата.

Во рамки на мерките за финансиска поддршка на претпријатијата ќе ги посочам финансиската поддршка на работодавците и самостојните вршители на дејност за исплата на плата во октомври, ноември и декември 2020 година, за кои аплицираа преку 20.000 работодавци и самостојни вршители на дејност. Понатаму новата линија бескаматни кредити со 30% грант – компонента за која Владата има информација. Мерката е дизајнирана и се очекува во текот на овој месец или на почетокот на следниот да пристигнат средствата и да се стават на располагање на фирмите. За државната гарантна шема, пак, законот е веќе изработен и е ставен на ЕНЕР за коментари од јавноста, додека за новите 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка исто така е веќе усвоена информација од страна на Владата и почнати се преговорите со ЕИБ, а средствата се очекува да станат достапни за македонските компании на почетокот на следната година.

Во рамки на мерките за финансиска поддршка за граѓаните, за финансиската поддршка на ранливите категории граѓани со 6.000 денари законот е во собраниска процедура, а се очекува веќе следниот месец граѓаните да можат да ги користат тие средства. За мерката Викенд без ДДВ, најголем дел од исплатите се извршија и се очекува уште мал дел налози од УЈП за да се заврши исплатата.

Во рамки на мерките за даночни ослободувања и ослободувања од давачки што ги спроведува Министерството за финансии е мерката за намалување на ДДВ од 18% на 5%, потоа мерката за намалување на стапката на ДДВ за ресторански услуги и служење храна и пијалаци, и можноста за плаќање по ДДВ пријава најдоцна 5 дена по поднесување на истата, а не истиот ден. Сите овие мерки се регулирани со Предлог-законот за изменување на Законот за ДДВ, и истите треба да стапат на сила од 1 јануари 2021 година, додека продолжувањето на рокот за плаќање на ДДВ e стапен на сила со донесувањето на Законот во Собрание.

Понатаму, во рамки на даночните олеснувања е и мерката за одложено плаќање на аконтациите за данок на добивка и данок на личен доход за самостојните вршители на дејност. Измените на овие закони се во собраниска процедура и се очекува да бидат донесени во текот на овој месец. Со овие закони се регулирани и други мерки, како што се: зголемување на прагот со кој субјектите би биле дел од режимот на неоданочување со данок на добивка, ослободување од данок на добивка и данок на личен доход за трошоци за вработени коишто се однесуваат на доквалификација, признавање на трошокот за дополнително приватно здравствено осигурување на вработените за целите на данокот на добивка и неоданочување со данокот на личен доход, признавање на расходите за тестирање од КОВИД-19 како признаен расход и зголемување на периодот за покривање загуби на товар на идни добивки. Преполовена е и казнената камата за јавни давачки до март 2021 година.

Во однос на мерките што носат системски решенија за финансиска одржливост и дигитализација од страна на Министерството за финансии станува збор за воведување платформа за е–фактура, системско решение што ќе се спроведува во текот на 2021 година, но е важно од аспект на поддршка на дигиталните плаќања. Потоа тука спаѓа и промената на пресметката на основата за финансирање на Единиците на локалната самоуправа, со којашто при издвојување средства за единиците на локалната самоуправа, наместо само за претходната година како досега, предвид ќе биде земена пресметката на просечната наплата на ДДВ за претходните три години. Со вториот ребаланс на Буџетот во 2020 година обезбедивме 160 милиони евра за мерките што имаат директни буџетски импликации како: финансиската поддршка за исплата на плата, финансиска поддршка за ранливи категории, поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје и вино, поддршка за дејноста Туристички водич, враќање на туристичката такса за 2019 година за остварени ноќевања, поврат за Викенд шопинг со МојДДВ, за Државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка, грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби.

 

Извор: Капитал

Оваа вест е достапна и на: English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window