Вести|

9 декември 2020, Скопје – И покрај негативниот економски резултат во третото тримесечје, се гледа тенденција на подобрување. Бруто-инвестициите и јавната потрошувачка, по остриот пад во второто тримесечје, забележуваат раст, што укажува на тоа дека антикризните мерки што се преземаат даваат резултати, посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими, зборувајќи на настанот ТОП 100 во организација на Стопанска комора на Северозападна Македонија.

Падот од 14,9% во второто тримесечје од годинава, кога всушност започна кризата, во третото тримесечје е ублажен на -3,3%, со позитивен придонес на бруто-инвестициите и јавната потрошувачка, за што пак придонесуваат преземените мерки од страна на Владата за внесување  ликвидност во стопанството. 

Бесими истакна дека по високиот пад на бруто-инвестициите од 34,4% во вториот квартал, во третиот квартал се забележува раст на бруто-инвестициите од 4,2% на расходната страна на БДП, што се должи на растот на инвестициите во градежни работи, како и во машини и опрема.

Исто така, рече министерот, во третиот квартал падот на потрошувачка е ублажен на -1,2%, од високи -9,1% во претходниот квартал. Тоа главно се должи на фактот дека јавната потрошувачка забележа раст од високи 13,5% на реална основа, што пак се должи на зголеменото трошење за поддршка на најпогодените категории со пандемијата.

Бесими посочи дека и во наредниот период ќе продолжат да се спроведуваат мерките од четвртиот пакет со што ќе се даде поддршка на стопанството, како што се финансиската поддршка на работодавците за исплата на плати, бескаматната кредитна линија со грант компонента, но и државната гарантна шема коишто ќе обезбедат подобар пристап до финансии.

Оваа вест е достапна и на: Albanian

Comments are closed.

Close Search Window